ЖИВОТ ВО КОШМАРЕН СОН ОД КОЈ НЕ МОЖЕТЕ ДА СЕ РАЗБУДИТЕ Како живеат денешните руски дисиденти и опозиционери

Речиси сите опозициски лидери и лидери на јавното мислење сега се или во затвор или во странство. Луѓето имаат огромен потенцијал за политичка акција, но нема лидер и нема база на моќ – вели Марија, додавајќи дека цивилите нема да излезат против вооружената полиција, Националната гарда и другите безбедносни сили.

483

За Андреј Солдатов и неговите пријатели, 24 февруари значeше крај на Русија каква што ја знаеја. Во раните утрински часови тој ден претседателот Владимир Путин објави дека наредил руски војници да влезат во Украина.

Одеднаш сè во што сè уште верувавме стана целосно компромитирано – вели за Си-Ен-Ен Солдатов, руски истражувачки новинар кој живее во своеволен егзил во Лондон.






Животот во Русија со години стануваше потежок и потежок за дисидентите, независните новинари и сите кои зборуваат против режимот на Путин, но Солдатов вели дека дотогаш луѓето како него сè уште имаа некаква надеж дека ќе издржат. Војната го промени тоа, вели тој.

– Беше ужасно да се живее под Путин и беше многу далеку од идејата за демократија, но сепак имавме некои воспоставени институции за кои верувавме дека ќе постојат без разлика на сè, и одеднаш сè пропадна – вели тој, укажувајќи на речиси целосно искоренување на сите преостанати независни медиуми, граѓанските организации и групите за човекови права.

Точка од која нема враќање

Една жена која сè уште живее во Москва и која од безбедносни причини, ќе ја нарекуваме Олга, иако тоа не и е вистинското име, го опишува 24 февруари како точка од која нема враќање.

– Животот се претвори во кошмар од кој е невозможно да се разбудиме, деноноќно читање вести, протести на кои имало повеќе безбедносни сили отколку цивили – вели Олга во порака преку платформа за шифрирана комуникација.

Таа го опишува срамот и чувството на безнадежност.

– Агресорот е нашата земја. Во наше име, во мое име, се врши овој страшен масакр – вели таа.

EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Олга говори за ризиците што постојат за нејзината безбедност. Поради самото комуницирање со

странски новинари, па дури и употребата на зборот „војна“ за разлика од терминот „специјална воена операција“ одобрен од Кремљ, може за неа да значи апсење и долгогодишна затворска казна.

Додека руските државни медиуми оставаат впечаток дека сите Руси ги поддржуваат војната и Путин, многу полиберални, образовани и прошетани граѓани, ги поминаа изминатите десет месеци ужаснети од насилството што нивната земја и го нанесува на Украина. Но, колку режимот стануваше порепресивен и решително сузбиваше и најмал знак на отпор или критика, маневарскиот простор на овие Руси стануваше сè постеснет.

Едни побегнаа други завршија во затвори

Стотици илјади Руси ја напуштија земјата, некои од принцип или затоа што се соочуваа со прогон, други за да ги избегнат западните санкции или ризикот да бидат регрутирани во војска. Според групите за човекови права, илјадници се приведени. Многу други беа принудени да се повлечат од јавниот живот или ги загубија своите работни места, откако стотици западни компании се повлекоа од Русија, а многу локални и странски невладини организации беа затворени. На секое несогласување и отпор следува брутална репресија. Според организацијата ОВД-Инфо, група за следење на човековите права, повеќе од 19.400 граѓани се притворени поради учество на антивоените протести во Русија, и десетици кривично се гонат секоја недела според новиот закон со кој се казнува ширењето „лажни информации за војната во Украина.

 

 

фото: твитер/принтскрин

Според овој закон судот во Москва го осуди критичкиот новинар Илја Јашин на повеќе од осум години затвор, бидејќи зборуваше за наводното убиство на цивили од страна на руските војници во украинскиот град Буча, во близина на Киев. Кремљ негираше каква било вмешаност во масовните убиства, тврдејќи дека сликите на телата на цивилите се лажни.

Само VPN e прозорец кон светот

Солдатов се сеќава на денот кога во Лондон примил официјално писмо од руските власти во кое детално се опишани кривичните дела кои му се ставаат на товар. Како Јашин и стотици други, тој е обвинет за ширење лажни информации за руската војска и полиција, и сега е на руската листа на лица барани со потерница. Тој ги негира обвиненијата и вели дека едноставно известувал за дејствијата на руската влада во периодот пред и за време на инвазијата на Украина.

Од почетокот на војната збришани се и последните траги на независни медиуми во Русија. Западните медиуми и сајтовите на социјалните медиуми се блокирани на интернет, принудувајќи ги Русите кои бараат начин да не се информираат само од официјалната владина пропаганда, да користат илегални виртуелни приватни мрежи или VPN. Тие им овозможуваат да пребаруваат на интернет со шифрирање на нивниот интернет сообраќај, без страв дека ќе бидат откриени. Податоците од компаниите кои го следат пазарот на апликации, покажуваат дека осумте најдобри VPN апликации биле преземени речиси 80 милиони пати во Русија од почетокот на војната година, и покрај напорите на владата да ја спречи нивната употреба.

Ова застрашувачка политичка клима во земјата натера многу Руси да размислуваат за напуштање на Русија. Според официјалната статистика објавена од руската влада, повеќе од половина милион луѓе ја напуштиле земјата во првите 10 месеци од годината – повеќе од двојно повеќе отколку во цела 2021 година. Вистинската бројка може да биде многу поголема, бидејќи многумина заминале неофицијално.

Не е јасно колкумина заминале од политички причини, но речиси 50.000 руски граѓани побарале азил во други земји во првите шест месеци од годината, според агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР. Тоа е најмногу во изминативе 20 години.

Граничната патрола на САД забележала 36.271 илегални влегувања на руски државјани во периодот од октомври 2021 до септември 2022 година. Бројот вклучува луѓе кои биле уапсени или протерани од граничните сили, и е значително поголем од претходните две година (13.240 во 2021 и 5.946 во 2020 година).

Масовен егзодус на младите и образованите

Невладината и непрофитна организација „ОК Руси“, која им помага на руските граѓани кои емигрираат од Русија бегајќи од прогон, тврди дека тие што заминуваат главно се помлади и пообразовани Руси.

– Ако ја земете московската либерална интелигенција, и се разбира, јас зборувам само за луѓето што ги познавам, би рекол дека околу 70 отсто заминале. Се затворија новинари, луѓе од универзитети, понекогаш од училишта, уметници, луѓе кои имаат органзации и фондации во Москва – вели Солдатов.

Ова секако не е ништо во споредба со повеќе од 4,8 милиони Украинци кои станаа бегалци низ Европа поради војната, но огромниот одлив на претежно образовани луѓе има значително влијание врз руското општество.

– Ако го губите образованиот дел од населението од средната класа, тогаш тоа е важно за вашите економски перспективи, но исто така е важно и за политичката иднина на земјата – вели Кристине Берзина, експерт за Русија во Германскиот Маршалов фонд, организација во САД. Таа потсетува на егзодусот на либералните и образовани Иранци по револуцијата во земјата во 1979 година, како пример за тоа што може да се случи во една земја кога ќе се случат такви демографски нарушувања.

За да се одржи еден радикален режим, не му е неопходно целосно радикализирано население. Тоа е застрашувачко чувство – вели таа.

Немоќ пред огромната машина на смртта

Марија е една од ретките опозиционери и антивоени активистки кои останаа во Москва. Сите останати побегнаа по одлуката на Путин да изврши инвазија во Украина. Сите кои се против војната видоа дека нивните животи едноставно се уништени, вели Марија, кој не може да се одвои од својата болна мајка.

Марија, историчарка по образование, со години учествуваше во антивладините протести, опишувајќи се себеси како либерал кој длабоко се спротивставува на Путин, поранешен агент на КГБ.

– Отсекогаш знаев дека нашата земја не треба да ја води човек од КГБ. Тоа е премногу длабоко испреплетено со ужаси, убиства и сличновели Марија. Таа учествувала во антивоените протести додека тоа не станало премногу опасно.

Марија сега не гледа сценарио според кое режимот во Русија би можел наскоро да биде соборен.

– Речиси сите опозициски лидери и лидери на јавното мислење сега се или во затвор или во странство. Луѓето имаат огромен потенцијал за политичка акција, но нема лидер и нема база на моќ – рече таа, додавајќи дека цивилите нема да излезат против вооружената полиција, Националната гарда и другите безбедносни сили.

– Веројатно е тешко за луѓето од демократските земји да ја разберат реалноста на животот во моќна автократија – рече таа. „Тоа е застрашувачко чувство на сопствената безначајност и беспомошност пред огромната машина на смртта и лудилото“.

Поврзани содржини