Жителите на Вухан преку потресни сведоштва порачаа: Ве молиме, учете од нашите грешки!

2,646

Кинескиот град Вухан вчера ги отвори своите граници за прв пат од воведувањето на карантинот. Неговите жители беа првите што го проживеаја сето она што го проживуваат денес други луѓе ширум светот, вклучително и во Македонија.

Вухан, со население од 11 милиони, беше во карантин речиси три месеци.






Граѓаните на Вухан снимија пораки за да им помогнат на другите луѓе кои го доживуваат ова тешко искуство, а ги пренесе Би-би-си.

– Се надевам дека луѓето ќе научат од примерот на Вухан дека другите не би требало да страдаат толку многу и да ги повторат нашите грешки – зборува девојка на почетокот на видеото.

– Наместо да кажам дека карантинот беше голема жртва, јас преферирам да кажам дека градот направи сѐ за да се справи со пандемијата, како и остатокот од државата. Во тоа помогна секој што остана дома – објасни една личност.

Тие, исто така, го опишаа стравот што го чувствувале кога залихите од медицинска опрема почнале да исчезнуваат.

„Бевме затворени толку долго. На почетокот, бев ноншалантна и не сметав дека карантинот е неопходен. Но, подоцна, кога почнаа да исчезнуваат залихите, се плашев толку многу, што не можев да спијам ноќе. Лекарите и медицинските сестри молеа за помош и за донации за заштитна опрема што ја снемуваше. Немаше кревети за пациентите во болниците, немаше кој да ги лекува“, е уште едно сведоштво на жител на Вухан.

За среќа, во еден момент работите започнале да се подобруваат. Во градот пристигнале донации за опрема и екипи на медицински персонал од остатокот на државата, а со текот на времето бројот на пациентите почнал да се намалува.

Жителите на Вухан се присетиле и на некои убави моменти, како на пример, девојката која со татко ѝ за прв пат во животот приготвила кнедли.

„Успеавме да купиме брашно и месо, па направивме кнедли. Тоа беше втор обид на татко ми за 30 години. Првиот пат кога го направи тоа, јас сè уште бев во градинка“, раскажала таа.

На друга девојка момчето ѝ приредило убава роденденска забава и прослава за Денот на вљубените во карантин.

„Моето момче навистина се потруди убаво да го прославиме Денот на вљубените и мојот роденден во карантин. Тој ми купи торта и цвеќе, дури и готвеше за мене“, се присетила девојката.

На крајот, споделиле и неколку совети како полесно да се преживее периодот во карантин.

„Јавувајте им се често на членовите од семејството, бидејќи тие ќе бидат загрижени, затоа известете ги како сте. Потрудете се во комуникацијата со партнерот. Ретки се паровите кои поминуваат 24 часа секој ден неколку месеци, а кои успеваат да останат заедно, бидејќи вашите недостатоци ќе доаѓаат до израз. Немојте да се карате или само да замолчете. Ако работите од дома, обидете се да го одвоите деловното од приватното или ќе полудите“, рекол еден жител на Вухан.

„Направете нешто за што досега не сте имале време. Читајте, гледајте телевизија, играјте видеоигри. Поминувајте време со семејството“, порачала девојка.

Тие покажале големо разбирање за стравовите и тешките ситуации што ги доживуваат денес луѓето ширум светот, па затоа се потрудиле малку да ги охрабрат.

„Ги гледаме вестите од светот, и се случува она што се случуваше кај нас во јануари и февруари. Можам да го разберам очајот што го чувствувате сега. Ако сте исплашени, депресивни и лути, тоа е нормално. Карантинот не е тука за да ви ја одземе слободата, туку начин да се борите против болеста за да можете да ја имате таа слобода што е можно поскоро“, заклучиле тие.

 

Поврзани содржини