ЖИТЕЛИ НА КОЧАНИ ИЗЛЕГОА НА СОБИР, БАРААТ СЛОБОДА ЗА ОБЕЗБЕДУВАЧИТЕ ВО ДИСКОТЕКАТА Владиката Иларион повика на молитва за спокој на душите на загинатите
Митрополитот ги повика граѓаните да присуствуваат на молитвите за загинатите и повредените што се одржуваат во православниот храм „Св. Георгиј“ во Кочани, како и на заедничкиот погреб што ќе се одржи в четврток на Градските гробишта.
Во Паркот на Револуцијата во Кочани вечерва се одржаа два собира на кои присуствуваа голем број граѓани и роднини на настраданите во трагичниот пожар.
Првиот собир, под мотото „Слобода за нашите херои“, се фокусираше на барањето за ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во спасувањето на повредените.
Вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.
На собирот „Слобода за нашите херои“, беше побарано ослободување на притворените лица од обезбедувањето во дискотеката, кои учествувале во извлекувањето и спасувањето на повредените од огнената стихија.
– Сакаме да изразиме најдлабоко сочувство до семејството на сите починати и да им посакаме побрзо оздравување сите кои во моментов се наоѓаат клиниките кај нас и во светот. На овој собир сакаме да изразиме и почит кон оние луѓе кои помагаа да се спасат колку што може повеќе деца. Овде го вклучуваме и возачот Иле во Итната медициснка помош, кој се борел да ги превезе и да ги спаси децата, а подоцна легнал да спие и не се разбудил. Исто така, им благодариме на сите други, меѓу кои се и нашите сопрузи и браќа, дел од нив веќе не се меѓу нас, кои помагале во спасувањето. Ние ги нарековме наши херои затоа што да не беа тие ќе имаше уште многу загинати – истакна Наталија Ѓоргиева, учесничка на собирот.
Влатко Здравков, исто така учесник на собирот, се надоврза со благодарност до лицата од обезбедувањето.
– После сѐ што ни се случи ни требаат психијатри да им помогнат на овие семејства и деца. За лицата од обезбедувањето тврдиме дека ако не беа тие ќе имавме 300 жртви. Тие си ги жртвуваа животите, спасија многумина и сега терба да се во болница, наместо да бидат во притвор. Срамно и жално е тие да бидат виновници, затоа што ако се борите против нив, не се борите против митото и корупцијата, затоа што знаеме дека тие се во институциите и знаеме во кои. Ако се искрени сите надлежни треба да почнат да се справуваат каде што треба, наместо да удираат по хероите – рече Влатко Здравков, учесник на собирот.
На вториот собир митриполитот брегалнички Иларион во сослужение со свештеници од кочанската епархија одржа молитва за спокој на душите на загинатите и за побрзо оздравување на повредените во трагедијата.
– Се молиме на Бога да ги прими душите на починатите во рајските населби кај светителите и ангелите, а сите ние со нашите молитви и мисли да бидеме насочени кон нив и смирено и достоинствено да ги испратиме во вечноста. Исто така, да се помолиме неговата милост да се покаже кон нашите болни, што побрзо да добијат исцеление, побрзо да ни се вратат и да бидеме заедно во овоземниот живот. Да ги утешуваме родителите на починатите, затоа што во ова време ни треба трпение, смирение, покјание и љубов, едни со други да си помогнеме, истакна митрополитот Иларион.
Митрополитот ги повика граѓаните да присуствуваат на молитвите за загинатите и повредените што се одржуваат во православниот храм „Св. Георгиј“ во Кочани, како и на заедничкиот погреб што ќе се одржи в четврток на Градските гробишта.