ЖЕНАТА ГИ ТЕПАЛА НОВИНАРИТЕ СО КЛОЦИ И СО БОКСОВИ, МАЖОТ СО ШЛАКАНИЦИ Обвинение за сопружниците кои ја нападнаа екипата во Визбегово
Кога телевизиската екипа продолжила да снима, најпрво жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за врат и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да го заштити снимателот и опремата и започнал да снима со мобилен телефон. Обвинетата го удрила и него со нога, соопшти Јавното обвинителство.
Подигнато е обвинение против сопружниците кои минатата недела ја нападнаа новинарската екипа на ТВ Алсат која известуваше за големиот пожар што избувна во нивниот отпад за старо железо во Визбегово.
„Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие, од член 382 став 3 од Кривичниот законик. На 9 јули, во близина на отпад за старо железо на улицата Индира Ганди во Скопје, обвинетите маж и жена заедно, со употреба на сила ги попречиле оштетените новинар и снимател на ТВ Алсат М во нивините службени дејствија, односно да известуваат за настанатиот пожар на отпадот во Визбегово“, соопшти Јавното обвинителство.
Новинарот и снимателот, со телевизиски беџови пристигнале на локацијата за да снимаат прилог, но двајцата обвинети најпрво им кажале дека немаат дозвола за снимање затоа што отпадот бил приватен имот на кој тие се сопственици, се додава во соопштението.
„Кога телевизиската екипа сепак продолжила со вршење на нивната службена дејност, најпрво жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за врат и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да го заштити снимателот и опремата и започнал да снима со мобилен телефон. Обвинетата го удрила и него со нога, му го удрила телефонот кој паднал на земја и му го одзела. Во тој момент пристапил и обвинетиот со закани и навреди, па на новинарот му удрил шлаканица и го избркал од местото“, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд достави и предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.
„Во исто време, продолжува и предистражната постапка во однос на настанатиот пожар на отпадот и последиците од него. Надлежниот јавен обвинител и вчера вршеше увид на лице место на локацијата која е обезбедена. До Основното јавно обвинителство се доставени и резултатите од мерењата на токсичните материи во воздухот во Скопје, непосредно по пожарот што по барање на надлежниот јавен обвинител ги изврши специјален тим од четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на АРМ. Тие резултати се анализираат, а во меѓувреме се преземаат и други дејствија со цел да се испитаат сите сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.