ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ КОРИДОР 8 СЀ УШТЕ Е САМО ПЛАН Изградени се 35 отсто од пругата Куманово – Бељаковце
Владата најавува дека до 2027 година треба да заврши железничкото поврзување со Бугарија, а кога ќе почне изградбата на делот кон албанија не се знае.
Дали железничкиот коридор 8 ќе биде завршен во планираниот рок до 2027 година како што планира владата? На ова прашање тешко може да се даде одговор со оглед дека оваа пруга е во плановите на македонските влади со децении, а се реализирани само 35 отсто од пругата Куманово – Бељаковце. Но, не е само тоа во прашање, туку целосната изградба на коридорот зависи и од подготвеноста на владите на Албанија и Бугарија да го завршат својот дел од железничкиот коридор 8.
Трите земји потпиша договор и оптимистички најавија дека возот од Скопје до Софија ќе почне да сообраќа во 2027 година, а од Јадранско до Црно Море во 2030 година. Но, состојбата на терен е малку попесимистичка.
Албанија има за реализација 2 километра пруга за поврзување со делот кој ќе ја спои со пругата во земјава, но сè уште нема обезбедено пари за тоа. Во план е заедно со Македонија да се аплицира во европските фондови. Од друга страна Бугарија има да реконструира 2,5 километри пруга и да изгради 50 отсто од тунелот на граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево кој ќе го гради со нашата земја. Планот е работите Бугарија да ги започне кога ние ќе почнеме да го градиме тунелот. Бугарија треба да ја заврши и реконструкцијата на пругата од Ѓуешево до Софија за што според процените ќе ѝ требаат 1,1 милијарда евра кои треба да ги обезбеди од механизмот „Поврзана Европа“.
Најголем дел од работите од коридорот 8 треба да заврши Македонија и затоа чувстуваме и најголем притисок за стасување на роковите. Практично треба да изгради 150 километри пруга (Куманово – Деве Баир 86 километри и Кичево – Ќафасан 63 километри) за 5 години. Досега имаме изградено само 35 отсто од железничкото поврзување Куманово – Бељаковце. Според планот за да го заврши целиот проект на поврзување со железница со Албанија и Бугарија, земјава ќе треба да потроши 1,1 милијарди евра. Доколку има измени во текот на градбата можно е износот и да се зголеми. Во овој износ не влегува електрификацијата на пругата од коридорот 8 и евентуалната реконструкција на постоечкиот дел од пругата од Кичево до Скопје кој е стар повеќе од 50 години и поврзувањето на овој со коридорот 10, односно изградбата на пругата од Скопје до Миладинови.
Она што засега е познато, е дека се обезбедени пари за изградба на дел од пругата од Куманово до Деве Баир, постојат планови, но нема избрано нов изведувач откако германската фирма „Вибе“ која работеше на пругата го откажа договорот и се повлече.
– Тендерската постапка е во тек и до крајот на февруари ќе биде избран изведувач на работите на делот на пругата од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. Досега се изградени 35 отсто од пругата од Куманово до Бељаковце. Нов тендер ќе биде распишан во јули и за делот од пругата до Деве Баир – велат од Министерството за транспорт и врски.
Најтешкиот дел за реализација на ова железничко поврзување со Бугарија е изградбата на тунелот Деве Баир-Ѓуешево во кој со 50 отсто учествуваат двете земји, но не е полесен и делот од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 24 километри каде што се предвидува изградба „мост-тунел-вијадукт-тунел“ и има околу 100 мостови и 40 тунели.
Роковите за изградба на остатокот од пругата од Куманово до Бељаковце е две години, а од Бељаковце до Крива Паланка три години, односно изградбата треба да заврши до 2025 година.
– Третата фаза од изградбата на овој дел од коридорот 8 треба да заврши во 2027 година. Делот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и тунелот кон Бугарија треба да заврши за 48 месеци, значи во 2027 година треба да заврши сета работа – велат од транспорт и врски.
Вкупното вложување на македонскиот дел од коридорот кон Бугарија е проектиран на 620 – 630 милиони евра.
– Првиот дел од Куманово до Бељаковце чини 40 милиони евра. Вториот дел од Бељаковце до Крива Паланка чини 160 милиони евра, а третата фаза до граничниот премин Деве Баир заедно со делот од тунелот се очекува да чини 420 милиони евра. За првите две фази, односно од Куманово до Крива Паланка се обезбедени парите со кредит од ЕБОР и грант од ИПА фондовите на ЕУ. Во однос на третата делница, изградбата би чинела околу 420 милиони евра, 60 милиони евра како грант веќе се обезбедени преку ИПА 2 компонентата. Во овој момент преговараме за дополнителен грант од над 100 милиони евра, исто така од Европската Унија, преку инструментот за поддршка на Западен Балкан (WBIF). Остатокот е во план да се обезбеди со кредит од меѓународните финансиски институции – појаснуваат од министерството за транспорт и врски.
Дали до крајот на работите ќе останат овие проектирани парични вредности од министерството не можат да кажат.
– Ова се проектирани вредности за вложувањето, дали така и ќе остане, моментално не можеме да кажеме, се ќе зависи од текот на работите и тоа што носи теренот на кој се гради – појаснуваат оттаму.
Неизвесно е и како ќе се гради делот од коридорот 8 кој со пруга треба да се поврзе со Албанија. Од Министерството за транспорт и врски велат дека за овие 63 километри пруга целата документација е подготвена, но се потребни 500 милиони евра. Тие треба да се обезбедат преку кредити.
– Во план е заедно со Албанија да побараме поддршка и од ЕУ фондовите, но ќе треба да се земат и заеми – велат од министерството.
Во овој дел од коридорот 8 на македонска страна ќе треба да применат и препораките на УНЕСКО бидејќи пругата навлегува во заштитеното подрачје на Охридското Езеро, главно во делот на проектот за пругата кај село Радожда.
– Во овој дел ќе се направат измени на проектната документација во согласност со препораките на УНЕСКО – велат од Транспорт.
Напоредно со изградбата на пругите од паневропскиот коридор 8 во земјава ќе се реализира и електрификација на пругата од пругата од Скопје до Кичево. Изработена е физибилити студија за електрификација, но нема план кога ќе се почне со реализација, што значи дека нема обезбедено пари за таа намена.
Познавачите на состојбите велат дека покрај електрификација на остатокот од пругата кој изнесува 103 километри треба да се реконструира бидејќи е стара повеќе од 50 години. За реконструкција на делот Ѓорче Петров – Кичево и за електрификација на пругите ќе бидат потребни најмалку 400 милиони евра што ќе го зголеми вкупното вложување за коридорот на 1,5 милијарди евра. Дополнителен ограничувачки фактор е и делот Куманово – Маџари во должина од 32 километри кој е заеднички дел на коридорите 8 и 10, за што ќе треба да се обезбедат дополнителен износ на пари.
На пругата од коридорот 8 е планирано да се вози со 100 километри на час, бидејќи теренот на кој се гради не дозволува да се развива поголема брзина.
Колку е оправдано вложувањето во овој коридор, нема подетални информации, но од Министерството за транспорт велат дека за Европа е значаен бидејќи ќе ги поврзува Јадранското и Црното Море, а ќе се поврзе и со коридорите 4 и 10 и 11. Затоа и ЕУ притиска да се забрза изградбата на пругата од овој коридор.
– Потребата од завршување на овој коридор е извесна и Владата преку Министерството за транспорт и врски, максимално е посветена на завршување на оваа пруга. Дополнително, бидејќи се работи за европски коридор, имаме силна поддршка од нашите партнери од Европската Унија и, дополнително, бидејќи се работи за регионален проект заеднички ги координираме работите со Република Бугарија и Република Албанија – посочуваат од министерството.
Економистите укажуваат дека е неопходен засилен ангажман за реализација на овој стратегиски проект и посочуваат оти со развојот на железницата ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските вложувања во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на земјава и целиот регион.
Интензивирање на работата на коридорот 8 бараат и стопанствениците кои во моментов го имаат само коридорот 10 како транспортен избор, кој како единствен проток на стоки многу често се блокира.
– Инвестирањето во железничката инфраструктура позитивно би влијаело на социоекономскиот развој на земјата, резултирајќи со одржливи придобивки за населението, бизнисот и економијата, со оглед дека железничкиот транспорт има повеќе предности (релативен поевтин превоз на стока, можност за транспорт на кашести стоки, брзина и слично). Подобрувањето на меѓусебната железничка инфраструктурна поврзаност треба да биде од приоритетно значење за унапредување на меѓусебната соработка на нашата држава со соседните земји, што ќе придонесе за забрзување на вкупните транспортни операции меѓу земјите, а со тоа и експанзија на обемот на билатерална стоковна размена и на количеството на стоката во транзит – велат од бизнис заедниците.
Европскиот транспортен коридор 8 опфаќа патни и железнички траси во вкупна должина од над 1.200 километри. Коридорот го следи главниот правец „Via Egnatia“ од Валона, Албанија се одделува крак во насока Охрид – Кичево – Скопје, кој преку Деве Баир стигнува до Пловдив.
Коридорот Исток – Запад е зацртан како меѓународен транспортен коридор Јадран – Скопје – Црно Море на паневропската конференција на министрите за транспорт одржана 14 – 16 март 1994 година на Крит.