ЖЕЛЕЗНИЦА-ТРАНСПОРТ ЌЕ КУПУВА НОВИ ЛОКОМОТИВИ Државата ќе земе кредит од 20,9 милиони евра
Анализата што ја направи ЕБОР, препорачува да се спроведе набавка на најмногу пет електрични локомотиви.
Железници-Транспорт ќе купува нови локомотиви со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 20,9 милиони евра.
Предлог-законот за задолжување е доставен до Собранието, а цел на набавката на новите локомотиви е да се подобрат услугите во товарниот превоз.
Анализата што ја направи ЕБОР, препорачува да се спроведе набавка на најмногу пет електрични локомотиви.
„Новите локомотиви ќе бидат произведени со високо техничко ниво и се предвидува обука на возниот персонал и поддршка при пуштањето во употреба на возилата и при преземањето на почетниот период на одржување. Исто така, набавката треба да ги вклучува сите потребни специјални алатки, резервни делови за да се овозможи воспоставување режим на одржување за размена на компонентите на возилата“, пишува во Предлог-законот.
Рокот на отплата на кредитот е 15 години, со вклучен грејс период од 4 години. Каматната стапка е варијабилна и се состои од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1 процент. Заемот ќе се отплаќа во 22 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 20 јануари и 20 јули секоја година.
Државата ќе ѝ плати на ЕБОР и еднократна провизија во висина од 1%. За неповлечени пари провизијата е половина процент.