ЖАРИ И ПАЛИ ПОСЕТАТА НА ЛЕВИЦА НА ГРОБОТ НА ЕНВЕР ХОЏА „Кај Кастро, Пиноче и Живков кога ќе се поклоните?“ – бројни реакции за посетата

За Левица, Хоџа е познат антифашист, левичар и антиревизионист, под чие владеење Албанија станала модерна и просперитетна држава.

5,265

Лавина коментари на Фејсбук предизвика посетата на гробот на контроверзниот албански претседател Енвер Хоџа од тројца челница на партијата Левица. Луѓето реагираат дека се работи за комунистички диктатор поврзан со убиства и со глад. Од партиите, ВМРО-ДПМНЕ утринава го осуди овој чин. Но, тоа не е мислењето на Левица. За нив Хоџа е познат антифашист, левичар и антиревизионист, под чие владеење Албанија станала модерна и просперитетна држава.

„Под неговото четиридецениско владеење, Република Албанија, која беше оставена во руини после укинувањето на монархијата, зачекори кон изградба на нови темели: беше изградена првата железничка пруга на нејзина територија, земјата почна со забрзана електрификација, беа искоренети низа епидемиски болести, стапката на писменост беше зголемена од 5% на 90%, државата стана земјоделски независна земја преку колективизација на плодното земјиште, а беше извршена и радикална секуларизација на религијата“, напиша Левица.






Партијата смета и дека балканските народи можат да соработуваат само преку ваков тип на левичарски партии кои ќе се борат против империјализмот но и против домашните „квислинзи“.

Не може да го бараш родното место на Делчев и да се поклонуваш пред Хоџа?

Набрзо стигнаа реакциите. ВМРО-ДПМНЕ ја осуди постапката на Левица велејќи дека „станува збор за величење на човек познат по тортурата и изразена недемократија и кршење на човекови права“.

„Привезокот на власта, фолирантот Апасиев не може во исто време да се поклонува на Енвер Хоџа и да го бара родното место на Гоце Делчев. Шизофрената позиција водена од дневните потреби на власта за ПР, Апасиев го одведе до таму да го слави комунистичкиот диктатор“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ за Радио Лидер изјави дека чинот треба да го осудат сите партии во Македонија како неприфатлив.

– И сметам дека во 21 век во услови кога сериозно гледаме да си ја спасиме државата, да ги придвижиме процесите напред, да се покажува таква една идеолошка порака за личност која што е докажана и меѓу самите Албанци како негативна, и сѐ уште не можат да ги заборават последиците од неговото владеење е неприфатливо – истакна тој.

Кај Кастро, Сталин и Живков кога ќе се поклоните?

На Фејсбук луѓето го окарактеризираа Хоџа како крвав диктатор и ја ставија на тапет Левица. Некои луѓе коментираа дека ова ќе влијае на македонското гласачко тело во Левица.

„Делегација на партијата Левица оддаде почит на гробот на комунистичкиот диктатор од Албанија Енвер Хоџа – идеолошки татко на Левица. Мили Македонци, обавезно на наредните избори да гласате за Левица“, гласеше еден коментар.

„Абе стварно Левица им ветиле во Тирана споменик на Енвер Хоџа?! Е значи овие ако се нормални јас еве НА! Значи ми се гади“, напиша друг.

„Ве молиме да нè информирате кога ќе се поклоните и положите цвеќе на гробовите на Чаушеску, Живков, Јарузелски, Пиноче, Кастро и Сталин“, коментира трет.

„Кај Тодор Живков кога ќе одите?“, се надоврза четврт фејсбукџија.

Хоџа и Мао Це Тунг

Колку луѓе починале во камповите на Хоџа?

Во периодот на Енвер Хоџа, кој започна по Втората светска војна, во текот на околу половина век, десетици илјади граѓани на Албанија биле изложени на суровост поради политички и верски причини, додека рушењето на споменикот на овој комунистички лидер, на 20 февруари 1991 година, во земјата го симболизираше завршувањето на комунизмот во Албанија.

Документите кои претставуваат доказ за тоа дека десетици илјади лица во периодот на Хоџа биле егзекутирани во затворите и во камповите поради политички причини и биле испратени во егзил каде што биле затворени, се наоѓаат во Националниот историски музеј во Тирана, каде што продолжуваат да фрлаат светло врз тој период, пишува Агенцијата Анадолија (AA).

Во периодот на комунизмот низ земјата постоеле 23 затвори и 48 кампови за масивен егзил, додека ден-денес се раскажуваат приказните за тоа што овие лица доживеале во затворите и камповите, каде што антирежимските граѓани биле изложени на различни тортури и биле убиени.

Според податоците на официјалните институции на оваа земја, во периодот на комунизмот околу 60.000 лица биле испратени во егзил во овие кампови, од кои 7.022 починале во овие кампови. Во истиот период над 34.000 лица биле затворени поради политички причини, од кои 984 лица починале во камповите за кои станува збор, 6.027 биле егзекутирани, додека околу 6.000 лица сè уште се водат како исчезнати.

Не можам со Тито, ни со Мао, јас сум хоџаист!

Хоџа е роден во Гирокатрсто во Јужна Албанија во 1908 година. Тој станал професор во гимназија во 1936 година. По италијанската инвазија на Албанија, се приклучил на Партијата на трудот на Албанија при нејзиното создавање во 1941 година во Советскиот Сојуз.

Википедија вели дека владата на Хоџа терала антиревизионистички марксизам-ленинизам, односно сталинизам, од средината на доцните 1960-ти па наваму. Познато е дека Хоџа ги влошил односите со Тито, а се приклонил кон Сталин. Тоа било во 1948 година. Хоџа веќе потпишувал договори со СССР, а Тито се налутил велејќи дека не може да склучува никакви договори со други земји без југословенско одобрение.

Сталин го убедувал Хоџа дека Југославија се обидува да ја анектира Албанија. Од друга страна, ставот на Тито за Албанија бил дека таа е премногу слаба за да застане сама на себе и дека ќе биде подобро да биде дел од Југославија. Тоа е позната идеја за заедничка федерација меѓу Југославија и Албанија која не успеала по војната. Тоа е дел од идејата за Голема Југославија во која требало да влезе и Бугарија.

Хоџа подоцна се приклонил кон Мао Це Тунг. Следејќи го расколот меѓу СССР и Кина, тој ја избрал Кина. Го критикувал Никита Хрушчов дека е ревизионист. Истовремено, СССР ја намалил финансиската помош за Албанија. Всушност, уште во 1961 година земјите од Варшавскиот пакт ги прекинале дипломатските односи со Албанија. Но, во 1978 година го критикувал и Мао и се прогласил себеси за Хоџаист со сопствена доктрина. Доктрината допрела до бројни маоистички партии ширум светот кои себеси се прогласиле за хоџаисти.

 

Поврзани содржини