Згрутчувањата на крвта по примањето на вакцината на „АстраЗенека“ се неверојатна случајност?!
Генерално, повозрасните луѓе може да имаат поголема шанса да бидат под ризик да развијат згрутчување на крвта, како и оние кои примаат одредени лекарства како што се орални контрацептиви, вели Еванс. Да се одреди причинската поврзаност помеѓу вакцината на „АстраЗенека“ и згрутчувањето на крвта, велат експертите, потребна е епидемиолошка студија.
По растечките грижи околу извештаите за згрутчување на крвта кај лицата што ја примиле вакцината против коронавирус на „АстраЗенека“ здравствените стручњаци ги убедуваат граѓаните да не донесуваат избрзани заклучоци за безбедноста на која било вакцина базирани само врз извештаи за штетни последици и во отсуство на подлабоки истражувања, пишува Вашингтон пост.
– Вакцината е дизајнирана да превенира одредено нешто – да превенира инфекција или болест. Нема да ја превенира секоја лоша работа што може да се случи некому. Кога вакцината се користи нашироко, сите лоши работи што можат да им се случат на луѓето сепак ќе се случат. И кога тие ќе се случат во непосредна временска близина на примањето вакцина, може да разбереме зошто луѓето велат „Ох, тоа мора да е предизвикано од вакцината“ или барем да се сомневаат дека е предизивкано од вакцината – вели Сузан Еленберг, професорка по биостатистика, медицинска етика и политика за здравје од Универзитетот во Пенсилванија Perelman School of Medicine.
Таа и други експерти нагласуваат дека здравствените состојби што настапуваат по воведувањето нова вакцина или нов лек кај општата популација често се случајни.
– Нештата кои едноставно се случуваат по коинциденција, бидејќи се поврзани со здравјето, се претпоставува дека се предизвикани од вакцината, но тоа во најчесто не е така – вели Стефан Еванс, професор по фармакоепидемиологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
Еве што велат научниците дека треба да знаете за податоците за штетните последици по вакцинирањето и зошто тие вклучително и проминентните здравствени агенции и регулатори продолжуваат да ја поддржуваат употребата на одобрените вакцини против коронавирусот.
Разберете ги бројките во контекст
Има два начина на кои истражувачите определуваат дали некој штетен ефект е поврзан со вакцината.
– Еден е разбирањето на биологијата и како вакцината може потенцијално тоа да го предизвика, а другата е разбирање дали тоа се случува почесто од што се очекува да се случи кај општата популација – објаснува Еленберг.
Иако нема прецизни епидемиолошки податоци за преваленцата за нарушување на коагулацијата, зачестеноста проценета во 2017 година изнесувала 300 до 650 на 100.000 луѓе годишно, според нацрт извештај побаран од Европската медицинска агенција, која вклучила податоци од неколку земји вклучително Велика Британија, Германија, Италија, Шпанија и Данска.
Во случајот со вакцината на „АстраЗенека“ производителот во неделата изјави дека меѓу повеќе од 17 милиони вакцинирани со неа, имало 15 случаи на длабока венска тромбоза и 22 случаи на пулмонална емболија, заклучно со податоците до март. Овие податоци ги наведоа неколку земји, како Германија, Франција и Италија кои решија да паузираат со вакцината, наспроти препораките на европските регулатори и на Светската здравствена организација кои и натаму сметаат дека користа од вакцината на „АстраЗенека“ ги надминува потенцијалните ризици. Оваа вакцина сѐ уште не е одобрена во САД.
– Околу 17 милиони луѓе во ЕУ и во Британија досега ја примиле нашата вакцина и бројот на случаите со згрутчување на крвта за кои е известено е понизок од стотиците случаи кои се очекувани во општата популација – вели Ен Тејлор, шефица по медицина во „АстраЗенека“.
Во понеделникот Европската медицинска агенција (ЕМА) објави соопштение според кое додека се истражуваат податоците „неколку илјади луѓе развиваат згрутчување на крвта годишно во ЕУ од разни причини“. Бројот на тромбоемболии кај вакцинираните не изгледа дека е повисок од тој кај општата популација. За време на прес конферецијата во вторникот Агенцијата истакна дека нејзиниот фокус е на извештаите за многу ретки типови на згрутчување на крвта документирани во Германија и на други места. Германските здравствени власти известија за неколку случаи на церебрална венска синусна тромбоза, тромб што се формира во мозокот, меѓу 1,6 милиони луѓе кои се вакцинирале со „АстраЗенека“ во оваа земја.
Емер Кук, шефот на ЕМА, изјави дека се силно убедени дека користа од вакцините го надминува ризикот од несаканите ефекти и додаде дека извештаите за ретки видови тромби во мозокот се „сериозна грижа за која треба сериозна научна евалуација“.
– Загрижени сме дека може да има последици врз довербата во вакцината, но наша работа е да осигураме дека производите кои ние ги одобруваме се безбедни – рече Кук.
Во меѓувреме СЗО соопшти дека нејзиното советодавно тело исто така ги разгледува извештаите за згрутчување на крвта, но забележа дека „нема докази дека инцидентите се поврзани со вакцината“.
Еванс вели дека вакцината на „АстраЗенека“ не изгледа дека има „забележително повисока стапка за какво било пореметување во коагулацијата“ во споредба со вакцината против коронавирус на „Фајзер/БиоНТех“, која исто така е одобрена во ЕУ.
– Тоа ми говори дека речиси недвосмислено не е од вакцината. Не можам да бидам сигурен и сум спремен да сменам мислење врз основа на нови податоци, но сите податоци што сум ги видел велат дека нема реален проблем – вели Еванс.
Корелацијата не е еднаква на причината
Иако временската поврзаност е преголема за некои луѓе да ја игнорираат, Еленберг вели дека важно е да се запомни дека има бројни причини луѓето да развијат штетни последици по здравјето по вакцината, особено такви вообичаени какви што се згрутчување на крвта.
– Изгледа како неверојатна случајност. Но кога имате милиони и милиони луѓе кои ја примаат вакцината, знаете, случајности се случуваат – вели таа.
Предизвикиот за научниците е да откријат дали има реален сигнал или е сево ова само галама, вели Ендрју Столбах, професор за итна медицина на Универзитетот Џон Хопкинс и експерт за реакции на лекови.
– Популацијата треба да знае дека има луѓе кои ги следат сите овие настани и проверуваат дали се поврзани. Треба да запомните дека нештата шти ги прават вестите секогаш се најлошите и најшокантните и најзастрашувачките и највозбудливите, но тоа не значи дека тие се поврзани – вели Столбах.
Генерално, повозрасните луѓе може да имаат поголема шанса да бидат под ризик да развијат згрутчување на крвта, како и оние кои примаат одредени лекарства како што се орални контрацептиви, вели Еванс. Да се одреди причинската поврзаност помеѓу вакцината на „АстраЗенека“ и згрутчувањето на крвта, велат експертите, потребна е епидемиолошка студија.
Останете информирани
Еванс е убеден дека неопходните епидемиолошки истражувања може да се спроведат мошне брзо во Британија. Во меѓувреме тој ги охрабрува луѓето кои живеат во области каде што вирусот е многу раширен да ја примат вакцината на „АстраЗенека“ ако им се понуди.
Еванс кој има 77 години примил две дози од вакцината и немал некои сериозни штетни последици.
Столбах препорачува луѓето да се информираат за последните научни сознанија и да ги следат пропораките на регулаторите и на здравствените власти.
– Луѓето треба да гледаат на големата слика наместо да се грижат за секој поединечен страшен случај за кој ќе слушнат. Она што се обидуваме да го спречиме, ковид, е штетен самиот по себе – вели тој.