ЗГРАДАТА ВО МЕРМЕР, ТОАЛЕТИТЕ ГНАСНИ Фотографии од тоалетот на гробиштата Бутел ги згрозија граѓаните (ФОТО)
Сите се зачудени како може една од најпрофитабилните компании во земјава да нема уредено тоалет, кој ќе биде чист и во функција. Граѓаните со години се жалат и дека ѓубрето не се собира редовно, дека дрвјата не се кастрат, а најголем проблем се неасфалтираните улички кои се полнат со кал.
Во катастрофално лоша состојба се тоалетите на градските гробишта Бутел, сведочат фотографиите направени од Анета Пешева, почесен конзул на Канада во Македонија и поранешна претседателка на МАСИТ.
– Денес бевме на гробишта, шест месеци откако почина свекор ми, правевме помен. Малку подолго се задржавме и ми требаше тоалет. Има јавен тоалет на самиот влез каде обично ги бараме поповите. Настрана, 20 метри од куќичката, некој тип на стражарница и информации. Ова го затекнав, нема врати, нема вода, ужас! Едно од најпрофитабилните акционерски друштва. Срамота – објави Пешева на својот профил на Фејсбук.
Објавените фотографии предизвикаа лавина коментари кај граѓаните, кои го доживеале истиот шок кога се соочиле со овој тоалет.
– Лично го имам видено ова место ( кое повеќе би го опишала како извор на зараза), кое е веднаш до портирницата каде престојуваат вработени на гробиштата и не можам да се изначудам како ним не им смета. И по повеќе години изворот на зараза си го негуваат, срамота. Не дебатирам колку пари се плаќа за одржување на гробно место, како воопшто вработените не се грозат од ваквата состојба на просториите – сведочи скопјанка.
Сите се зачудени како може една од најпрофитабилните компании во земјава да нема уредено тоалет, кој ќе биде чист и во функција. Граѓаните со години се жалат и дека ѓубрето не се собира редовно, дека дрвјата не се кастрат, а најголем проблем се неасфалтираните улички кои се полнат со кал.
– Овде не е само профитот во прашање. Овде е побитна немарноста. Колку средства се потребни ова да се исчисти? Не мора да е ново, но битно е да е чисто и во функција. Ама не, нашата негрижа нема граници. Срамота, голема срамота, до кога вака? – прашува граѓанка.
Друга сограѓанка сведочи дека пред многу години за да се исече исушено листопадно дрво самоникнато до гробот на нејзините родители, морало да дојде човек од АД Бутел за да потврди дека дрвото е суво, а таа да го плати сечењето на дрвото.
– Не сум го засадила јас ама таков им е протоколот. Патеките земјени се несредени, коров, трња колку сакаш, а кога косат имаш сосушена трева врз гранитот или мермерот на гробот. Како им изгледаат мртовечниците не сакам да раскажувам, премногу хорор за социјалните мрежи – додава таа.
Повеќето граѓаните сметаат дека ова место веднаш треба да го посети санитарната инспекција.
– Нека ги направат тоалетите по пример на нивната управна зграда! – порачува скопјанец.