ЗГАЗИ И УБИ ДЕТЕ, НА СУД НЕ СЕ ПОКАЈА, ДОБИ КАЗНА, КИДНА ВО АВСТРИЈА, СЕГА БАРА ПОВТОРНО СУДЕЊЕ И – АПЕЛАЦИЈА ТОА ГО ПРИФАЌА! Уште една скандалозна одлука, со цел да се избегне затвор
Вишото јавно обвинителство Скопје се жали во Врховниот суд на одлуката на Апелациониот суд, кој дозволил повторување на кривичната постапка против Џенис Мекиќ, кој во 2015 година со џип со голема брзина го прегази 16-годишниот Иван Билински, доби затворска казна, па исчезна во Австрија и сега после 9 години тврди дека разбрал дека бил осуден и бара повторно судење.
Вишото јавно обвинителство Скопје денеска поднело жалба до Врховниот суд на решението на Апелациониот суд Скопје, со кое се дозволува повторување на кривичната постапка спрема осудениот Џ.М., претходно правосилно осуден во отсуство за кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Станува збор за познат случај, во кој роднините на жртвата со години ја бараа правдата во судските лавиринти, за сообраќајката во близина на Католичка црква во Скопје, кога на 15 ноември 2014 година, 20-годишниот Џенис Мекиќ, управувајќи со џип со голема брзина, го прегазил 16-годишниот Иван Билински. Несреќниот Белински по ударот итно бил пренесено во Ургентниот центар, каде им подлегнал на повредите.
На судењето во прв степен, на кое Мекиќ се изјасни како невин, добил првостепена пресуда од 4 години затвор. Процесот продолжува поради жалба, а конечната правосилна пресуда е 2 ипол годишна затворска казна, изречена во 2017 година. Но, Врховниот суд ја укинува оваа пресуда и го враќа случајот на повторено судење, но и по 9 години, сѐ уште нема пресуда. Во 2021 година Врховниот суд и МВР се произнеле дека обвинетиот е надвор од државата, најверојатно во Австрија.
Вишото јавно обвинителство смета дека нема ниту еден доказ дека постојат услови на осудениот Џ.М. да му се суди во негово присуство. Во решението со кое дозволува повторување на постапката, Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје единствено ја цитира одредбата од чл.456 ст.1 од ЗКП и прифаќа дека осудениот за пресудата дознал на 15.11.2024 година, кога поднел барање за уверение за неосудуваност, по што на 18.11.2024 година поднел барање за повторување на кривичната постапка. Тоа, според судот, значело дека, согласно одредбата од чл.456 ст.1 од ЗКП, „нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка, а тоа е на ден 18.11.2024 година“.
Вишото јавно обвинителство Скопје се жали, бидејќи услов без кој не може на некое лице што е судено во отсуство да му се дозволи повторување на постапката, е доказ дека постои можност на лицето да му се суди во присуство, односно судот мора да има сигурни докази дека тоа лице, во моментот на поднесување на барањето за повторување на постапката е достапно. Во конкретниот случај, нема ниту еден доказ дека постојат услови на осудениот Џ.М. да му се суди во негово присуство.
„Интенцијата на законодавецот кај оваа законска одредба предвидува барањето за повторување на кривичната постапка да биде поднесено во рок од 1 година од денот кога осудениот дознал за пресудата (секако, ако е исполнет првиот услов), а не, како што збунувачки се обидува да аргументира Апелациониот суд, дека ‘нема реално поминато една година од поднесувањето на барањето за повторување на кривичната постапка’“, наведува јавниот обвинител од ВЈО Скопје во жалбата.
Според ВЈО, судот , при одлучувањето во врска со поднесеното барање за повторување на постапката, треба да го има предвид фактот дека осудениот не доставил никаков доказ за тоа кога тој дознал за пресудата, односно доказ дека истата ја има примено. Ова беше наведено и во негативното мислење на Основното јавно обвинителство Скопје. Сепак, Апелациониот суд Скопје истото воопшто го немал предвид, бидејќи потврда од казнена евиденција издадена од Основниот кривичен суд Скопје сама по себе не може да послужи како доказ дека осудениот со поднесување на барањето дознал дека е правосилно осуден во отсуство.
„На овој начин, лице кое е осудено во отсуство може и додека е во странство (недостапно на органите на прогон) да дознае за пресудата со која е судено во отсуство, да поднесе барање за повторување на постапката, судот да му го дозволи тоа, како што е направено во случајов и повторно да биде недостапно. Во такви околности, во зависност од предвидените рокови за застареност на кривично гонење, дозволувањето за повторување на постапката може да резултира само со нов почеток на кривичната постапка, констатирање на настапена застареност и завршување на постапката без кривична одговорност, што секако не била интенција на законодавецот кога го предвидел институтот Повторување на постапката на лице судено во отсуство, во смисла на чл.456 ст.1 од ЗКП“, навел јавниот обвинител.
Исто така, според јавниот обвинител, „Врховниот суд на Република Северна Македонија, при одлучување по оваа жалба, неопходно е да го има предвид целиот тек и динамика на постапките кои се воделе пред Основниот кривичен суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје, кои покажуваат дека интенцијата на осудениот со барањето за повторување на кривичната постапка е одбегнување на издржување на затворска казна за дело во кое животот го изгуби млада личност“.
Обвинителот во жалбата го аргументира и делот дека осудениот без ниеден доказ во прилог навел дека ќе биде достапен на истата адреса на која претходно не бил достапен во текот на кривичната постапка. Оттука, за јавниот обвинител неспорно е дека единствено кон што се цели со поднесеното барање за повторување на предметната кривична постапка и што се дозволува со донесеното решение на Апелациониот суд Скопје е одбегнување осудениот да ја издржи казната затвор за сериозно кривично дело со смртни последици.
„Крајно, однесувањето на осудениот, кој првично беше достапен на органите на прогон, знаеше какво кривично дело извршил и без трошка каење за стореното, со години беше недостапен на органите на прогон, па потоа во моментот кога знае дека поради роковите на застареност ќе се спаси од издржување на казна затвор се појави со барање за повторување на кривичната постапка со неиздржани аргументи, не оди во насока на исполнување на она на што пред се инсистира законодавецот, а тоа е остварување на правдата”, наведе обвинителот во жалбата со која од Врховниот суд побара решението на Апелациониот суд Скопје да го преиначи и да го одбие барањето за повторување на кривичната постапка спрема осудениот.