ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НЕМА ДА ОСТАНAT БЕЗ ДИРЕКТНА ПОДДРШКА Трипуновски вели дека нема намалување на Програмата

Во Програмата за 2026 година воведовме посебна мерка, која во моментов е во фаза на доработка, со цел да бидат поддржани сите мали капацитети, истата е насловена како Мерка за директни плаќања на мали земјоделски стопанства - истакна министерот Трипуновски.

124

Нема кратење во Програмата за директни плаќања. Во изминатите години, вклучително и за време на претходната власт, Програмата што се носела изнесувала околу 100 милиони евра. Никогаш при нејзиното донесување не изнесувала 140 милиони евра – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Аргумент плус” на ТВ 24.

Тој појасни дека Програмата за 2018 година изнесувала околу 100 милиони евра, за 2019 година била во сличен износ, во 2020 година изнесувала околу 70 милиони евра, а во 2021 година околу 60 милиони евра.






– Во 2024 година, кога сегашната Влада ја презеде одговорноста, беше наследена Програма донесена од претходната власт во износ од околу 98 милиони евра. Со ребаланс на Буџетот, износот беше зголемен на околу 115 милиони евра, а во декември беа обезбедени дополнителни средства, со што вкупната вредност достигна околу 137 милиони евра – посочи министерот

Тој додаде дека најголем дел од средствата од Програмата за 2024 година биле наменети за исплата на заостанати обврски кон земјоделците.

– Сегашната Програма од околу 98 милиони евра не значи кратење на средствата. Дополнителните средства во 2024 година беа обезбедени со цел да се исплатат наследените долгови од претходната власт – нагласи министерот Трипуновски.

Министерот потенцираше дека и во текот на годината, преку ребаланс на Буџетот, се обезбедуваат дополнителни средства за Програмата за директни плаќања, во насока на континуирана и навремена поддршка на земјоделците.

– Во Програмата за 2026 година воведовме посебна мерка, која во моментов е во фаза на доработка, со цел да бидат поддржани сите мали капацитети, истата е насловена како Мерка за директни плаќања на мали земјоделски стопанства – истакна министерот Трипуновски.

– Да појаснам, земјоделец кој имал 2 декари лозов насад и ги пријавил минатата година, а со новите измени минималниот праг е 0,5 хектари, преку оваа нова мерка ќе добие транзициски период. Во наредните една до максимум три години ќе продолжиме да ги поддржуваме истите два декари, со цел земјоделецот да има време да одлучи дали ќе ги зголеми своите капацитети на 0,5 хектари или ќе одлучи да не ги проширува, по што нема да остварува право на субвенции – нагласи министерот.

Транзицискиот период ќе изнесува од една до три години, во зависност од секторот, бидејќи временската рамка е различна за различни производствени гранки.

– Никој во овој период нема да остане без финансиска поддршка. Обезбедуваме фер и постепена транзиција, со цел малите земјоделци да се прилагодат на новите услови – потенцираше министерот Трипуновски.

Поврзани содржини