Земјоделци се збогатија преку ноќ: „Дента кога паѓаа пари од небото“ (ВИДЕО)

Досега се откриени дури 200 фрагменти од метеорит што падна на 19 август во Санта Филомена во североисточен Бразил. Најголемиот тежеше 40 килограми и вредеше повеќе од 20.000 американски долари.

1,398

Илјадници луѓе притрчаа во оддалечен бразилски град откако стотици метеори стари 4,6 милијарди години почнаа да паѓаат „како дожд“ од небото, пренесува „Дејли меил“.

Досега се откриени дури 200 фрагменти од метеорит што падна на 19 август во Санта Филомена во североисточен Бразил. Најголемиот тежеше 40 килограми и вредеше повеќе од 20.000 американски долари.






Локалното население метеоритската бура ја нарекуваа чудо и денот кога паѓаа парите од небото. Се верува дека метеоритот е редок хондрит кој датира уште од времето на потеклото на Сончевиот систем – пред да се формира Земјата.

Само 1% од метеоритите се од овој вид, а примероците можат да се продаваат за десетици илјади фунти. Луѓето од сиромашниот рурален град кои ги пронајдоа фрагментите веднаш се збогатија.

Студентот Едимар да Коста Родригес (20) се присети дека бил дома во Санта Филомена кога видел небото „исполнето со чад“. Потоа започна да добива пораки на „WhatsApp“ од соселаните кои тврдеа дека паѓаат камења.

Родригес излегол на улиците и покрај католичката црква на главниот градски плоштад пронашол метеорит широк 7 см и тежок 164 грама. Тој вели дека подоцна го продал на американски тракер за метеорити за околу 1.000 фунти.

Повеќето од најголемите парчиња биле пронајдени и околу црквата, што дополнително го убедило локалното население дека реткиот метеорит е дар од Бога.

Бразилскиот национален музеј преговараше за едно парче метеорит со тежина од околу 2,8 кг за цена од околу 15.000 фунти. Родригес вели дека цената е скоро 5,50 фунти за грам, но исто така и како расте, со оглед на тоа што пред неколку дена беше скоро половина пониска.

– Деведесет проценти од населението на градот го сочинуваат земјоделци. Нема многу продавници или нешто што создава работни места. Тоа е скромно место со луѓе со ниски плати. Многу луѓе пронајдоа парчиња метеорити и тоа се случи во вистинско време затоа што навистина им требаат пари за да платат сметки – вели Родригес.

Само неколку часа по падот на метеоритот, приватни колекционери од САД и Уругвај се појавија во зафрлениот бразилски град. Кога четворица научници од бразилскиот национален музеј пристигнаа во Санта Филомена ден по падот на метеоритот, единствениот хотел во градот беше полн и тие мораа да изнајмат соби од локално семејство.

Габриел Силва од Институтот за хемија на Универзитетот во Сао Паоло изјави дека станува збор за хондрит, вид камен метеорит, кој се формирал пред да се формира Земјата.

И додека локалното население ги трие рацете, дел од бразилската јавност не се согласува со нив и смета дека треба да им се забрани да собираат камења и да ги продаваат на странци. Силва се согласува со нив и вели дека треба да отворат музеј во градот и да ги изложат камењата, што ќе привлече туристи и ќе овозможи научни истражувања на ретки метеорити.

Поврзани содржини