ЗЕМЈИТЕ ОД БАЛКАНОТ ВО МНОГУ АСПЕКТИ СЕ ПОПОДГОТВЕНИ ЗА ЕУ ОД НЕКОИ ЗЕМЈИ-ЧЛЕНКИ Спикерот Гаши побара пофер пристап при проширувањето
Овој јаз во кредибилитетот ризикува да создаде „постојана чекална“, што не само што ги обесхрабрува реформите, туку и ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект; што за мене е поопасно - нагласи претседателот на макеоднскиот парламент на меѓународна конференција во Љубљана.
Проширувањето треба да остане процес базиран на заслуги, но да не биде попречен од краткорочни политички пресметки. Aко стандардите се исти, тогаш и третманот треба да биде ист, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши, на меѓународната конференција „Западен Балкан во вртлогот на новата геополитика на безбедноста“ во Љубљана –
– Да бидеме искрени дека земјите од Западен Балкан денес се во многу аспекти подобро подготвени од некои земји што се зачленија на претходните бранови на проширувањето. Оваа реалност заслужува да се препознае во политичкото одлучување и да се одрази во пофер пристап. Во овој случај Западен Балкан не е периферија што треба да се остави да чека, туку дел од Европа што се стреми да се комплетира – рече Гаши.
Тој верува дека похрабaр пристап би бил непосредната интеграција на сите шест земји од Западен Балкан како заеднички пакет.
– Колку побрзо станеме дел од ЕУ толку побрзо ќе се консолидираат демократските стандарди, ќе се зајакне владеењето на правото и ќе се решат билатералните прашања што во моментов го попречуваат напредокот. Историјата на самите европски земји покажа дека интеграцијата е најефикасниот инструмент за помирување и стабилност – рече Гаши.
Сепак, додаде тој, нашиот пат во оваа насока не беше линеарен и беше проследен со искушенија кои честопати ги надминуваа самата логика и критериумите на процесот за членство.
– Како што знаете, билатералните прашања оставија длабоки траги во темпото на нашата интеграција. И сепак, ние избравме дијалог наспроти конфликтот и компромис наспроти стагнацијата – рече тој.
Претседателот на Собранието рече дека денес се соочуваме со замор од проширување во рамките на Европската Унија, но во исто време, замор од стагнација кај земјите-кандидати.
– Овој јаз во кредибилитетот ризикува да создаде „постојана чекална“, што не само што ги обесхрабрува реформите, туку и ја поткопува довербата на граѓаните во европскиот проект; што за мене е поопасно – нагласи тој.
Во овој контекст, посочи дека е „важно да се биде искрен за две прашања: Дали ЕУ навистина сака проширување? И, колку е вистинската волја на земјите-членки за проширување. Бидејќи, како што рече, проширувањето, во суштина, е договор за доверба што бара одговорност и храброст од двете страни.
Како што соопшти собраниската прес-служба, настанот се одржува во присуство на истакнати политички и институционални личности од Европа, регионот и пошироко, вклучувајќи поранешни шефови на држави, високи претставници на ЕУ, како и специјални пратеници за Западен Балкан.
