ЗЕЛЕНСКИ ОВОЈПАТ НОСЕШЕ КОСТУМ, ГАРАНЦИИ ЌЕ ИМА ЗА 10 ДЕНА? Еве како се одвивала средбата со Трамп во Овалната соба

Американскиот претседател го пофалил изгледот на украинскиот колега. Зеленски овојпат на средбата носеше костум, а по средбата изјави дека гаранции веројатно ќе бидат изготвени за 10 дена. Би-Би-Си коментира дека сепак, клучно од средбата е што Украина купила повеќе време.

1,531

Претседателот на Украина Володимир Зеленски, по синоќешната средба со американскиот колега и со европските лидери во Белата куќа изјави дека гаранциите за безбедност на неговата земја веројатно ќе бидат изготвени во рок од 10 дена.

– Подготвени сме за билатерална средба со Путин, а потоа и за трилатерална со Трамп – рече Зеленски истакнувајќи дека прашањето за евентуални територијални отстапки, какви што бара Русија, ќе биде „тема која ќе ја оставиме за разговор меѓу мене и Путин“.






Топла средба, костум и статус кво

Би-Би-Си коментира дека Зеленски ја опишал средбата со Трамп како „топла“, иако „клучното е тоа што Украина купила повеќе време“ и дека во суштина ситуацијата останува статус-кво.

Сепак, на средбата во Белата куќа, оптиката не можеше да биде поразлична овој пат, коментираат западните медиуми. За разлика од конфронтирачката средба од февруари кога Зеленски се појави во зелена маичка алудирајќи на воен костум, овојпат украинскиот лидер носеше костум, иако не од класичен тип.

Трамп го пофали неговиот изглед. Украинскиот претседател исто така постојано кажуваше „благодарам“, што сигурно го задоволи неговиот домаќин, пишува Би-Би-Си во опсежна сторија за тоа како поминала средбата.

Зеленски бил тивок, повеќе слушал отколку што зборувал

На почетокот на средбата во Овалната соба, Зеленски зборувал малку, или можеби не сакал да зборува, плашејќи се дека она што има да го каже е различно од она што Трамп сакал да го слушне. Разликите се покажале подоцна, кога американскиот и украинскиот претседател се појавија пред новинарите заедно со европските лидери.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон рекле дека прекинот на огнот во Украина треба да биде следниот чекор, иако Трамп тврдеше дека тоа не е неопходно пред да се најде потрајно решение.

Зеленски останал забележително тивок по ова прашање.

„Она што го слушнавме од лидерите сугерира дека нивните дискусии зад затворени врати се фокусираа на безбедносните гаранции за Украина и изгледите за средба меѓу Зеленски и Путин. Не беа откриени детали за тоа какви гаранции биле разговарани или како тоа што ќе бидат лице в лице во иста просторија со Путин ќе помогне да се стави крај на војната“, пишува Би-Би-Си за состанокот на Трамп, Зеленски и европските лидери.

90 милијарди за оружје како можна гаранција

На претходна прес-конференција пред Белата куќа, тој рече дека безбедносните гаранции би можеле да вклучуваат договор од 90 милијарди долари (67 милијарди фунти) меѓу Киев и Вашингтон за набавка на американско оружје, вклучително авијациски системи, противракетни системи и други оружја што тој одби да ги открие.

Зеленски, исто така, спомна дека му покажал на неговиот американски колега карта на Украина, нагласувајќи дека Русија успеала да окупира помалку од 1% од украинската територија во последните 1.000 дена.

– Ова беше новост за Белата куќа. И тоа очигледно помогна да се промени расположението на Трамп. Се борев со она што е на таа карта – им рече Зеленски на новинарите, додавајќи дека се спротивставил на она што на картата во Овалната соба териториите биле прикажани како заробени од Русија.

Мелони бара гаранции, но со Членот 5 од НАТО

 

Италија ги поддржува напорите на САД за постигнување мир и стои на страната на Украина, а истовремено се залага за обезбедување гаранции за нејзината безбедност по моделот на Член 5 од Северноатлантскиот договор, изјавила италијанската премиерка Џорџа Мелони на разговорите во Белата куќа со европските лидери.

– Среќна сум што дискутираме за ова и што почнуваме од предлог кој уште од почеток беше италијански – модел по примерот на Член 5. Ние секогаш сме подготвени да ги презентираме нашите предлози за мир и дијалог, за да изградиме заеднички пат кон траен мир и гарантирана безбедност.

„За 2 недели направивме повеќе отколку за 3 ипол години војна“

 

Претседателот на Финска, Александер Стуб, на средбата изјавил дека во последните две недели е постигнат поголем напредок кон завршување на војната во Украина отколку во последните три и пол години.

– Пронајдовме решение во 1944 година и сигурен сум дека ќе најдеме решение и во 2025 година за да ја запреме руската воена агресија и да постигнеме траен и праведен мир – нагласи претседателот чија земја дели граница од повеќе од 1.000 километри со Русија.

Поврзани содржини