ЗЕЛЕНСКИ МЕЃУ ДВА ОГНА Вашингтон бара избори и референдум, Киев бара безбедност во мракот

САД ги условуваат безбедносните гаранции за Украина со одржување избори и референдум до 15 мај. Истовремено, Кабинетот на претседателот Зеленски демантира дека е планирана најава на 24 февруари и нагласува дека безбедноста е клучен предуслов.

0

Геополитичката шаховска табла повторно се тресе. Украинскиот претседател Володимир Зеленски се најде меѓу две спротивставени струи. Русија ги заострува преговорите. Соединетите Американски Држави бараат избори и референдум во Украина.

Весникот „Фајненшл тајмс“ објави дека Вашингтон побарал од Киев да одржи претседателски избори до 15 мај. Истовремено, да организира и референдум за можен мировен договор со Москва. Според истиот извештај, безбедносните гаранции од САД би зависеле од исполнувањето на тој рок.






Извори за британскиот весник тврдат дека украинските власти веќе почнале подготовки. Планот предвидувал кратки рокови. Изборите и референдумот требало да се одржат напролет.

„Не“ за 24 февруари

Истовремено, „Киев Индипендент“ објави демант од Кабинетот на претседателот Зеленски. Извор близок до кабинетот изјавил дека Зеленски не планира да објави избори или референдум на 24 февруари.

– Не планирал такво нешто. Кога нема безбедност, нема ништо друго – рекол изворот.

Датумот 24 февруари носи силна симболика. Тоа е четвртата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година. Според „Фајненшл тајмс“, токму тогаш Зеленски можел да ја соопшти одлуката. Киев сега ја негира таа можност.

Избори во војна, дилема без преседан

Последните претседателски избори во Украина се одржаа во 2019 година. Нови избори требаше да има во март 2024 година. Поради воената состојба, гласањето беше одложено.

Зеленски во декември 2023 година изјави дека е подготвен да организира избори во рок од 60 до 90 дена. Тој тогаш нагласи дека САД и европските партнери мора да помогнат за безбедно одржување на процесот.

„Како да размислуваме за избори кога Русите убиваат луѓе?“

Сега дилемата повторно се отвора. Украински функционери порачуваат дека безбедноста е предуслов.

– Ако Русите секојдневно убиваат луѓе, како можеме сериозно да размислуваме за избори во наредните недели? Никој не е против избори, но мора да има безбедност – соопштиле од Кабинетот.

Западен функционер за „Фајненшл тајмс“ оценил дека кај Украинците се создава впечаток оти целиот процес се врзува со реизборот на Зеленски. Тоа дополнително ја политизира дебатата.

Поврзани содржини