Зелената тропалка на Али Ахмети
Можеби е претерано да се каже дека токму Македонија ќе стане „регионален и европски лидер во политиката на зелената агенда“, како што вели лидерот на ДУИ, но Ахмети не сака да ја пропушти шансата тој да биде лидер на таа нова агенда во Македонија, бидејќи тоа објективно ќе значи и моќ и пари, но и сериозен придонес и за „албанската кауза“.
Со исклучок на неколку проблесоци во дневната, очајно сива, македонска медиумска агенда (колумната на Ѕвездан Георгиевски на порталот Призма, на пример), најголем дел од коментарите во медиумите и на социјалните мрежи за најавената „зелена агенда“ на ДУИ се сведоа на пословично површните реакции и на духовити нотки.
За вториве, се разбира, имам и разбирање и симпатии. Можеби ведетите на ДУИ и циничните стрели упатени кон нив ги дочекуваат со скиселени фаци, но треба да разберат дека иронијата со која е дочекана „идеолошката реформа“ во партијата на Али Ахмети е последици на недовербата градена со години. Тој феномен бездруго е последица и на предубедувања, но интегративците мора да размислуваат и за сопствената вина, за сопствените грешки и слабости, поради кои е подигнат ѕидот на недовербата.
„Националната агенда“ е исцрпена?
Нејсе, како што точно е нотирано во малку посериозните анализи, еден од клучните мотиви за ребрендирањето на ДУИ и за „прегрнувањето“ на „зелената агенда“ произлегува од ноторниот факт дека досегашната „национална агенда“ на партијата е исцрпена. Четата на Али Ахмети, прво како регуларна воена формација и потем и како регуларна политичка партија (би спорел јас за регуларноста и за едното и за другото, но таа тема веќе е passé), на тој план постигна буквално сè што можеше да се постигне.
Од 2001 година до денес, значи во последниве две децении, Македонија темелно ја промени и својата формална и својата суштинска конституција. Во формална смисла, оваа земја денес е билингвална федерација. Неформално, барем според распоредот на силите во законодавниот дом и во извршната власт, албанскиот, некогаш „малцински“ политички фактор, веќе е целосно рамноправен со македонскиот. Со именувањето на „прв вицепремиер“ воспоставено е дури и формално двојство на водечката премиерска позиција во земјата, иако тоа јавно не се признава.
Ова за Албанците произведе и една сосема нова реалност. Нивната позиција во општеството е така што ја обесмислува „националната агенда“. Тоа просто ја наметнува потребата од една потемелна реформа на ДУИ.
„Хроничен“ победник на изборите
Али Ахмети во моментов е најискусниот македонски политичар, со најдолг стаж и во политиката и на власт. Во изминатиот период, капитализирајќи ги големите заслуги на неговата партија за „албанската кауза“, но и клиентелизмот како метод на одржување на поддршката на избирачите, тој успеа да стане „хроничен“ победник на изборите во својот етнички кампус и задолжителен партнер за формирање на секоја власт. Од 2007 година до денес, значи речиси деценија и половина, ДУИ е на власт. Како што гледаме, само ДУИ може да го спаси СДСМ од дебакл на локалните избори. И Ахмети планира тоа да го стори, а потоа да го „наплати“ со нови политички концесии.
Само политичар со таков статус, но и со непогрешлив усет за неизбежните промени, можеше во саботата да се појави во Градскиот парк во Скопје (за прв пат во животот) и на сценографијата со зелени балони да го објави големото изненадување што го најави неколку дена пред тоа. И навистина се случи изненадување. Додека сите очекуваа тој да објави заеднички кандидат со СДСМ за градоначалник на Скопје, на пример, Ахмети одржа говор пред младите и им најави дека ДУИ започнува „нова политика, нов начин на водење политика и директно дејствување, надвор од етничките права, развојот и интеграцијата, политика за еколошка правда, квалитет на живот“.
„ДУИ во целост ја прифаќа оваа зелена агенда како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на нејзините програмски столбови како приоритет“, порача Ахмети.
Агендата е „зелена“, ама многу амбициозна
Површните аналитичари, тие кои обично повеќе се занимаваат со задкулисни комбинации, а помалку со анализа на она што се кажува (понекогаш така и треба, се разбира), помислија дека лидерот од ДУИ или се шегува или „намирисал“ некакви „зелени“ грантови, па решил да ги земе. Но, Ахмети во својот говор кажа речиси сè што требаше да се каже, за да се разбере колку е значаен пресвртот во позиционирањето на неговата партија. Тој со „зелената агенда“ ги поврза квалитетот на животот, економијата и вработувањата, енергетиката и енергетската ефикасност, модерните патишта и железници, инфраструктурата, здравјето, образованието, неселективната правда против корупцијата и организираниот криминал, социјалните политики, дигитализацијата, животната средина.
За да биде уште појасно, Ахмети додаде дека „парите посветени на зелената агенда се инвестиција“, затоа што во иднината „зелената агенда“ ќе ги проникнува сите развојни политики, бидејќи ќе зависат од странски инвестиции и фондови. Можеби е претерано да се каже дека токму Македонија ќе стане „регионален и европски лидер во политиката на зелената агенда“, како што вели лидерот на ДУИ, но Ахмети не сака да ја пропушти шансата тој да биде лидер на таа нова агенда во Македонија, бидејќи тоа објективно ќе значи и моќ и пари, но и сериозен придонес и за „албанската кауза“.
И популизмот се лепи на зелено
Како потврда за важноста на „зелената агенда“ за развојот на европските општества, два дена по најавата за ребрендирањето на ДУИ стаса веста дека Советот на Европската унија усвоила Фонд за фер транзиција вреден 17,5 милијарди евра, чија цел е да се направи „зелена транзиција, фер и инклузивна“. Овој фонд ќе финансира проекти кои ќе ги ублажат социоекономските трошоци на заедниците на ЕУ кои се во голема мера зависни од фосилни горива или индустрии и треба да ја диверзифицираат локалната економија.
Клучната дилема е колку успешно челниците на ДУИ ќе ја „продадат“ својата нова агенда, имајќи го предвид фактот дека луѓе на оваа партија фреквентно се обвинувани за еколошки инциденти и за груби насилства врз животната средина. Прв впечаток е дека Ахмети ќе се обиде да ја избрише таа дамка со едноставна замена на малата слика со голема и со фокусирање на вниманието кон новите спектакуларни проект. На пример, ДУИ нема да тера кавга во јавноста за тоа кој е виновен за дивите депонии и за нагрдувањето на природните убавини во многу краишта во Македонија. Наместо тоа, партијата и нејзините кадри во извршната власт ќе бидат носители на грандиозниот проект за изградба на пет регионални депонии, со кои прашањето на отпадот ќе биде решено систематски, квалитетно и трајно.
Дел од новите политики ќе имаат и нова популистичка и клиентелистичка димензија. Како проектот за субвенционирање на трошоците за вградување плински уреди во возилата, кој го води ресорот на министерот Крешник Бектеши. Популарните проекти, се разбира, се како создадени за привлекување на симпатиите на избирачите и затоа „зелената агенда“ на ДУИ ќе биде лесно и квалитетно редизајнирана и во популарна предизборна агенда пред локалните избори.
Подобро „зелена агенда“ одошто „Република Илирида“
Зајадливите коментари ќе стивнат, по традиционалниот принцип по кој кај нас се дочекува и се испраќа секое „изненадување“ или новост – секое чудо за три дена. Малку поголем напор ќе му биде потребен на Ахмети да ги совлада отпорите во албанската опозиција, како и во фракциите во ДУИ. Но, верувам дека тоа за него и за неговите верни приврзаници е веќе пресметан ризик. Конечно, мислам дека и општата јавност, порано или подоцна, пресвртот во ДУИ ќе го коментира со една нова мантра – подобро „зелената агенда“ на ДУИ одошто со „Република Илирида“.
Со еден збор, пред политичкото пензионирање, најавено за три години од сега, Али Ахмети си пронајде нова, полезна и забавна политичка тема. Нова играчка. Од оваа барем ќе нема плачка. А големите се како и малите деца – кога ќе фатат в раце нова тропалка, не ја оставаат додека не се заситат.