ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА Е ЖИВОТ Ахмети бара од кандидатите да ја реализираат со бел образ
И оваа агенда, не може да ја направи, ниту реализира некој на кој не му е позната, туку може да ја реализира ДУИ затоа што има експерти, има функционери, има луѓе со знаење и докажано е дека знае како да ги материјализира големите проекти, вели Ахмети.
Зелената агенда гарантира подобар квалитет на животот за сите граѓани. ДУИ има кадар и знаење да ја реализира, рече вечерва лидерот на ДУИ Али Ахмети на собирот во Пласница каде го претстави кандидатот за градоначалник Алија Јаоски и листата на советници.
– По 20 години од потпишувањето на Охридскиот договор сметам дека ги стави сите заедници на еднаква основа, воведе мир во оваа земја. Постигнато е сите граѓани да бидат господари во своето тло. Оваа поддршка, која доаѓа речиси две децении, е резултат на фер проценка на Албанците, Турците, Бошњаците,
Ромите, затоа што ве поканивме сите да живееме достоинствено и еднакво. Секое мое дело го направив со голема одговорност. Се обидов да бидам реален, работев со цело срце и со ладна глава. Никој не веруваше дека во оваа земја ќе се постигне заедниците да се разбираат меѓу себе, има уште многу работа, дали има предрасуди, се разбира дека има. Оваа земја наскоро ќе биде дел од ЕУ и верувам дека оваа земја има капацитет да ги придвижи работите напред – рече Ахмети.
Тој додаде дека новата агенда на партијата е иднината.
– Денес сме со нова агенда, многумина имаа дилеми, но ние излеговме со Зелената агенда која бара храброст и посветеност и експерти за да ја материјализираат. И оваа агенда, не може да ја направи, ниту реализира некој на кој не му е позната, туку може да ја реализира ДУИ, вашето соединување, затоа што има експерти, има функционери, има луѓе со знаење и докажано е дека знае како да ги материјализира големите проекти. На сите наши населби им треба подобра канализација, инфраструктура, пошумување и чиста вода. Се спроведува најголемиот проект за гасификација што и придонесува на оваа агенда. Значи, оваа платформа е живот, таа е за свеж воздух. На Алија Јаоски како кандидат за градоначалник, ние ќе му стоиме блиску и мора да го поддржиме и да излеземе со бел образ – рече Али Ахмети.