„ЗЕЛЕНА“ ДОНАЦИЈА НА ОКТА ЗА МВР Центарот за обука ќе произведува чиста енергија од фотоволтаици
Новата зелена енергија ќе намали трошоци и ќе создаде повеќе одржлив ресурс за полициската обука во Идризово
Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи во Идризово добива „сончева моќ“, новата фотоволтаична централа, донација од ОКТА, ќе ги снабдува сите енергетски потреби на објектот каде се одвива основната и специјализираната полициска обука.
Со инсталиран капацитет од 39,6 kWp, централата ќе произведува околу 53,46 MWh зелена енергија годишно, што ќе значи и намалување на емисијата на CO₂ за 42,7 тони. Со други зборови, помал јаглероден отпечаток и почиста околина за сите околу Центарот.
– ОКТА е посветена на инвестиции во зелена енергија и сакаме искуството да го ставиме во функција на заедницата. Искрено верувам дека оваа донација ќе донесе нова вредност за Центарот за обука и ќе го поттикне развојот на оваа институција – рече Димитриос Пасхос, извршен директор на компанијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека ова партнерство е пример за тоа како државата и приватниот сектор можат заедно да градат одржлива иднина.
– Дополнително, средствата кои ќе се заштедат од пониските трошоци за енергија, ќе можат да се искористат за други развојни проекти од интерес на институцијата. Овие проекти потврдуваат дека чистата енергија е инвестиција во иднината – рече министерот.
Ова не е прв пат ОКТА вложува во јавни институции, компанијата претходно донираше фотоволтаични системи на училишта и градинки низ државата, како и сообраќајни знаци за поголема безбедност на децата. И во иднина, се планирани нови инсталации на фотоволтаични системи, продолжувајќи ја долгорочната посветеност кон енергетската транзиција и одржлива иднина.