Здружението на правници Роми од Скопје ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител заради малтретирање и претепување малолетник во инцидентот што во неделата вечерта се случи во населбата Трајаново Трло во Кочани.
Од Здружението истакнуваат дека е документиран случајот со физичката пресметка во која 10-годишно дете од ромска националност било задржано и претепано од неколку повозрасни и непознати лица.
– Во јавноста дополнително излезе видео на кое се гледа како лица, на кои не може да им се утврди идентитетот, му нанесуваат тешки физички повреди на малолетник кој наводно влегол во двор од семејна куќа во обид да изврши кражба. Видеото е испратено и до Министерство за внатрешни работи. Здружението на правници Роми најостро ги осудува физичките напади врз малолетни лица мотивирани од предрасуди со етничка димензија, вклучително и овој случај каде жртва на насилство е дете на кое му е потребна итна психо-социјална поддршка и ресоцијализација заради нормално функционирање и правилен развој – се истакнува во писмениот допис од Здружението на правници Роми.
Од Здружението бараат надлежните институции итно да го расветлат и да му дадат разрешница на случајот, а до медиумите апелираат за соодветно информирање на јавноста, согласно етичките вредности и принципи од Кодексот на новинарите.
ОБНОВЕНО
Во врска со случајот со насилство врз дете во Кочани, за што постои и снимен материјал што се споделува на социјалните мрежи, ОВР Кочани ја известува јавноста дека во координација со Основнот јавно обвинителство Кочани ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете“, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава. По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани.
ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта.
Во координација со ОЈО Кочани досега се приведени А.Н., Н.Н. и А.В. а извршен е службен разговор со 20 лица. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави