Ако (наводно) целиме кон полноправно членство во ЕУ, кому му е во интерес да создава непријатели во меѓународната (не само културна) јавност? Ако сакаме да се претставуваме како цивилизирана земја, како може власта – Владата – да поддржува коекакви скороевци да се допишуваат со директори на врвни фестивали? Да прогласуваат непријатели на државата? До кога аналфабети спонозрирани од власта неказнето ќе ја тормозат (не само) македонската култура?
И уште какви сѐ глупости ќе произведе оваа неписмена автократска власт во одбрана на своите позиции и на нејзините клиенти што секојдневно ѝ го бербатат образот? Иако, де факто, овие сталиновидни карикатури од политичари одамна немаат образ, но тоа не значи дека треба секојдневно да го валкаат и она малку што останало како некакво достоинство на македонската култура, демократија, наука, па дури и политика! Овие се очигледно подготвени да жртвуваат сѐ за нивните фотелји од 78%, за бизнисите на нивните сопруги, браќа, сестри, внуци…, за одлично платените места во државната администрација на нивните братучеди, снаи, баџаници, старосватици…
И ова ли е тоа отворање на некакви фронтови („Сега е време на фронтот за Европа“), ама насочени против измислени домашни предавници, против сите што не се согласуваат со нивните лажливи и криминални политики, против нивната корупција и пљачкосување? Сега отвораат фронт и против светски културни манифестации од форматот на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција? Се осилија локални дупликати на Берија и Џугашвили, ситни владини бирократчиња, и тие му „објаснуваат“ на светот кој е кој во Македонија? Им кажуваат дека биле „доведени во заблуда“ без да ги знаат „фактите и вистината“! Но кои факти, и која вистина? Онаа за којашто, покрај сите други државни инстанци, веќе пресуди и надлежен суд?
Дали оваа власт отвора фронт преку којшто и другите државни агенции и институции а не само Агенцијата за филм, ќе ги клевети, малтретира и оцрнува македонските уметници? Малку ли е насилничката и антикултурна (ре)пресија на овие институции дома па сега се впуштаат и во меѓународен промет, сега тие на светот ќе му објаснат колку се два и два во македонската култура и уметност? Ова ли е таа европска политика на власта во културата, ова ли се оние „универзални принципи и вредности“ на коишто повикуваше премиерот во неговиот говор по повод Илинден? Сега вредност стана клеветата, а лагата принцип?
Владата мора конечно да каже кој е тој – по име и презиме – што ги поддржува криминалните малверзации во македонскиот филм, вклучувајќи ја и надлежната Агенција за филм како владино тело. А и онаа „госпожа“ за добро владеење ќе мора еден ден да одговори за сиот свој гласен молк кога ќе се спомне таа Агенција, Друштвото на филмски работници, целосната приватизација и клановска поделеност во македонскиот филм. И за отворената кражба и злоупотреба на огромни парични средства за лични и групни цели! Зашто, ако сите можни инспекции, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Управниот суд се идентични во нивните наоди за работата на таа багра залегната во македонскиот филм, зарем само оваа „госпожа“ – која, патем, е одлично платена за работата што не ја работи – не гледа што се случува околу неа и што препорачуваат другите државни инстанци?
На крајот, Владата ќе мора да одговори и кој сѐ уште го држи во фотелјата тој нивен пулен во Агенцијата за филм, кој противзаконски го поставува за в.д. директор, кој му продолжува мандати…, и зошто? Ако ја знаеме славната комисија што го постави на тоа место – на чело со уште пославниот доктор како „стручњак“ за филм, а по налог на неговиот пајташ/провинциски политикант кој глумеше премиер! – Владата ќе мора да одговори кој и понатаму, после сѐ што се случуваше во македонскиот филм последниве пет години, го држи тој денунцијант таму. И зошто, со која цел?!
Веројатно некој во таа Влада – можеби оној Маричиќ, или Османи – ќе мора да одговори дали ваквиот однос на власта кон меѓународно признати поединци е новиот курс компатибилен со европските политики во културата? И дали производството на дисиденти и нивното денунцирање пред меѓународната културна јавност е дел од таа нова стратегија? И не ѝ замирисува ли сето тоа на мувлосан сталинизам, на оживување на скиселени русообразни политики во Македонија и нивните промотори, на она руско „влијание и пропаганда“ за коешто, ете, сме почнале и студии да пишуваме а не гледаме пред носот што ни се случува?
Ако за ваквото неписмено бирократско мафтање со прст кон еден од најстарите и најугледните филмски фестивали не се огласат бргу спомнатите „стручњаци“ за евроинтеграции Маричиќ и Османи, можеби стамено, како руски мужик, пред јавноста ќе излезе оној Ковачевски кој за Илинден порачуваше дека „На сите негирања однадвор и однатре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности“, но не објасни на што точно мисли? Ова ли е, на пример, тоа „врвно национално чувство“ – да ги резилиме македонските творци пред светската јавност; дали тоа и во иднина ќе го прават со нивната „висока национална самодоверба и гордост“, додавајќи на листата на непожелните и нови имиња кои им пречат на нивните пулени во културата; и за какво, по ѓаволите, „здраво и разумно обединување“ говори тој лик кога сите што се обидуваат оваа земја да ја направат малку попристојно место за живеење ги прогласуваат за болни, за државни непријатели, руски ботови, за црни ѓаволи…?
Се разбира, меѓу последните (но не по важност) прашања останува следново: има ли оваа власт воопшто претстава што е Меѓународниот филмски фестивал во Венеција? Или Меѓународното уметничко биенале во Венеција, или Филмскиот фестивал во Кан, или Документа во Касел, или…? Па и филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола – сега препуштен на милост и немилост на полуписмени дилетанти, или „Битолски Монмартр“ – сега провинциски политизиран во селска „манифестација“, или „Скопско лето“ – немилосрдно задушено од неук и некултурен свет…? Има ли оваа власт воопшто претстава што се тоа култура и уметност, и каква е нивната важност за едно општество? Или и тие се само уште еден потенцијален извор на добар приход (не само) за нивните клиенти и абоненти? Знае ли власта колкумина нејзини министри одлично профитираат од нивното менторство над одредени криминалци во културата?!
На крајот, токму како најбезначајна, не може да не се спомне и онаа самонаречена „независна“ културна сцена која што, на узурпираните ловорики на „Шарената револуција“, се смести на фотелјите веднаш до задникот на власта, грабајќи сѐ што може. Ќе проговори ли, барем еднаш во овие шест години, за автократските, сталинистичките, недемократските појави и состојби во македонската култура? Или тоа повеќе не ја интересира? Ама ќе ја интересира ако утре ги загуби позициите, нели? Таквите дегутантни ликови од кои со години не можевме да се отарасиме, сега се водечкиот фронт на власта против културата. И се однесуваат како оние три мајмуни: ни гледаат, ни слушаат, ниту говорат. Еден неверојатно одвратен однос на самопрогласената „независна“ културна сцена, на луѓе кои се претставуваа како движечка сила во македонската култура.
Затоа: здравствујте товариши од власта, конечно јавно се легитимиравте кои сте и што сте. Вашите (не)дела говорат многу погласно од вашите документи и цртки по таблите за нашиот наводно демократски пат кон евроинтеграциите. Ни ги сакате, ниту пак (ќе) ги реализирате. Тие се само „прогресивни“ точкички во вашите регресивни „стратешки“ планови и годишни програми што треба да ја задоволат меѓународната заедница уште некое време, додека целосно не ги исполните своите криминални планови. Македонската реалност одамна се наоѓа во железните прегратки на повампирениот источен соцреализам во неговата најцрна варијанта. И ова со културата не е некоја новост, таа одамна – како и обично – е меѓу првите жртви на овие осоколени локални автократчиња, само што јавноста тоа предолго го игнорира.
Ќе ја промени ли, ќе ја разбуди ли сега овој скандал со Венеција? Не верувам, тие фронтовски битки се одамна загубени. Но утре ќе се отворат нови фронтови. Против кого? Па, ќе видите. А ако затреба, ќе се отворат и логори, како што неодамна напишав. Еве сега една од нивните приколки пелтечи дека е „вистинско време за обединување на сите политички лидери и оставање на партиските интереси на сметка на државните“. Не ќе да е баш така, туку е време на историско раскрстување со најцрните соцреалистички тенденции во државата, со маливе умислени автократчиња во македонската политика и нивните полуписмени инсталации во културата, образованието, науката…
Извор: Теодосиевски уметност