Здравство до ВМРО-ДПМНЕ: Џабе протестирате, нема да го одвратите Филипче од битката со ковид-19
Министерството за здравство ја повикува опозициската партија да престане со протести обидувајќи се, како што вели, да шири немир меѓу болните, нивните семејства, здравствените работници и сите граѓани.
Министерството за здравство реагира што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ денеска организираше протест на, како што велат, „место каде има најголем број хоспитализирани пациенти во државата“.
„Министерството за здравство жали што опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја спречи битката на здравствените работници и да ја спречи набавката на вакцини против ковид-19. Ако на опозициската партија ѝ беа важни граѓаните, пациентите, нивните семејства, лекарите, сестрите, другиот медицински персонал, ВМРО-ДПМНЕ немаше да протестира на место каде има најголем број хоспитализирани пациенти во државата.
На само стоина метри од протестот на ВМРО-ДПМНЕ лежат над 300 ковид пациенти. На само стотина метри од протестот на ВМРО-ДПМНЕ, работат здравствените работници, макотрпно, без да се штедат, се борат со вирусот и им ја даваат потребната нега на болните. ВМРО-ДПМНЕ денеска одбра да шири несигурност во Клиничкиот блок, наместо да ги остави лекарите и медицинскиот персонал да бидат концентрирани и посветени на пациентите“, се наведува во реакцијата од Министерството.
Оттаму соопштуваат дека утрово министерот за здравство д-р Венко Филипче имал средба со директорите на ковид центрите со кои зборувал за обезбедување нови легла за хоспитализација, за состојбата на пацинетите и за потребите на клиниките.
„Нашите здравствени работници со натчовечки напори го даваат максимумот да одговорат на потребите на пациентите. Министерството за здравство ја повикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престане да го опструира процесот за набавка на вакцини измислувајќи сценарија, фалсификат документи и ширење лаги. Министерството за здравство ја повикува опозициската партија да престане со протести обидувајќи се да шири немир меѓу болните, нивните семејства, здравствените работници и сите граѓани. Министерот Филипче нема да го одвратите од битката со ковид-19, менаџирање на здравствниот систем и обезедување вакцини за граѓаните“, порача Министерството за здравство.