ЗБОГУМ НА ХАРТИЕНИТЕ СВИДЕТЕЛСТВА Јаневска најави целосна дигитализација од следната година
Дигитални свидетелства годинава ќе добијат учениците од прво до трето одделение, а од следната учебна година системот ќе се прошири и ќе премине кон целосно електронско издавање, најави министерката за образование Весна Јаневска.
Дигиталните свидетелства од оваа година се воведуваат за учениците од прво до трето одделение, а од следната година ќе бидат воведени и за учениците од четврто до шесто одделение, најави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
– Како Министерство обезбедивме електронски печати и електронски потписи, а оваа година, за да не се случи во некое училиште, можеби во рурална средина или во училиште со послаба техничка опременост, учениците да останат без свидетелства, за овие три одделенија воведовме систем што може да се нарече хибриден. Од следната година свидетелствата ќе бидат целосно дигитални – изјави денеска Јаневска одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на АРБУ – платформа за академско рангирање на универзитетите во Балканскиот Регион.
Министерката нагласи оти смета дека дигитализацијата е од исклучително значење за државата и затоа се спроведува во МОН и во сите институции што се во негова надлежност, во најголема можна мера и во согласност со капацитетите.
Овој комбиниран модел оваа година се применува бидејќи, како што појасни Јаневска, обука не поминале сите наставници.
– Зошто оваа година применуваме комбиниран модел? Причината е што обучувавме речиси 20 илјади наставници за начинот на користење на дигиталните алатки и за справување со процесот на дигитализација. Сосема сте свесни дека не сите наставници, иако поминаа низ многубројни обуки, еднакво се подготвени веднаш целосно да ги извршуваат обврските што ги воведуваме. Постојат возрасни разлики, како и други околности што влијаат врз нивната подготвеност за работа во целосно дигитална средина – додаде таа.
Министерката им го честита успешниот крај на учебната година на сите ученици, како и на наставниците. Според информациите со кои располагаме, додаде таа, оваа учебна година е подобра од претходната и постојат релевантни показатели што го потврдуваат тоа.