ЗАВРШИ ТРИГОДИШНАТА ХАЈКА ВРЗ ПОРАНЕШНИОТ ОБВИНИТЕЛ ВОЈО ДИМОСКИ По правосилната ослободителна пресуда најавува постапка против оние што го гонеа

Минатата недела добив пресуда со која е потврдена ослободителната пресуда на Основниот суд. Правосилно е ставена точка на тригодишната судска хајка нарачана од мојот противник на изборот за уставен судија, а спроведена од неговите измеќари, објави поранешниот обвинител, сега адвокат, Војо Димоски.

494

Поранешниот јавен обвинител ОЈО Охрид, сега адвокат, Војо Димоски доби ослободителна пресуда по обвинението на ОЈО Струга од пред 3 години за несовесно работење во службата, односно дека намерно предизвикал застарување на предмети во врска со кражба на струја.

Пред да биде обвинет, Димоски беше предложен како кандидат за уставен судија од партијата ВМРО-ДПМНЕ, во тоа време опозициска, но предлогот не помина во Собранието. Тогаш тој изјавуваше дека обвинението е нарачан и мотивиран прогон кон него и дека јавно ќе ги разобличи нарачателите.






Во објава на Фејсбук, Димоски денеска порача дека ќе поведе постапка против сите обвинители што ја водеа хајката против него.

„На 19-ти септември пред 3 години веќе неколку месеци бев адвокат. Претпладнето, само што испратив некои клиенти и останав сам во мојата канцеларија ми заѕвони телефонот: „Јас сум новинарка во неделникот Фокус и ме интересира дали е точно дека Јавното обвинителство Ви поднело обвинение?“ Учтиво ја упатив за тоа да праша на вистинска адреса, кај Љубомир Јовески бидејќи во повеќе наврати преку неговите орки ми имаше упатено такви закани (едната од тие кои се снимени, дури е објавена на Јутјуб), крајно, тие се оние кои обвинуваат во случајов. Кога проверив во судската писарница добив одговор дека такво обвинение не е поднесено против мене до тој момент, а од Судот ми јавија после цели три часа кога навистина го примија обвинението. Штета што не го запомнив името на новинарката бидејќи верувам дека истата е видовита, а како таква и без да го прочита ова самата ќе се јави! Не сакам да верувам дека некој од ЈО предвреме ја брифирал“, пишува Димоски.

Истиот ден бев осуден, додаде тој, ама не од судот, туку од непристрасните медиуми кои до детаљ ја цитираа содржината на обвинението.

„Јас знам од каков материјал сум правен, па многу не ме допираше оркестрираната хајка, ама пред очи ги имав повозрасните членови на моето семејство и мислата како ќе реагираат кога вечерта ќе чујат по телевизиите. Децата, Слава на Бога, тогаш ми беа на возраст што нема од каде да допрат тие вести до нив. На судењата се бранев самиот што е најголемата грешка што може адвокат да ја направи. Причината за тоа беше едноставна (немам намера никого да навредам) ама на подрачјето на Охрид и на Струга не гледав колега кој ги задоволува моите критериуми за бранител, а на двајцата колеги од Скопје кои ми се понудија да ме бранат им се заблагодарив. Си велам кога не се грижи обвинителот за трошоците што ќе ги стори на товар на државата, тоа да го сторам јас“, пишува Димоски.

Тој додава дека пред неколку дена добил ослободителна пресуда, која е правосилна.

„Елем! Минатата недела добив Пресуда со која е потврдена ослободителната пресуда на Основниот суд. Правосилно е ставена точка на тригодишната судска хајка нарачана од мојот противник на изборот за уставен судија, а спроведена од неговите измеќари. Најодговорно тврдам дека обвинителот кој го застапуваше обвинението, од почетокот па до крајот не разбра за што ме товари. Не разбраа ни од Вишото обвинителство во Битола кои на два пати застанаа зад неговите жалби! Ама немам лутина за никого и на сите им проштевам“, пишува Димоски.

Им проштевам, додаде тој, што дури кога го видоа ќорсокакот во кој одат со постапката, не се повлекоа, па дури ми пуштаа поздрави да признам вина и да добијам условна осуда!

„Тоа што им проштевам е едно, а друго е што сметам дека на ниеден од нив не им е местото во Јавно обвинителство и ветувам дека ќе ги употребам сите законски средства за нивна дислокација почнувајќи од денеска. п.с. Ја нема видовитата новинарка да извести за епилогот на судската постапка, а ги нема Бога ми и другите кои ревносно цитираа извадоци од најнеписменото обвинение кое некогаш сум го прочитал“, објави денеска поранешниот обвинител Димоски.

Тој беше обвинет дека во повеќе наврати свесно не постапувал по предмети што му биле распределени, со што овозможил застарување на 14 истраги поврзани со кражби на електрична енергија.

Поврзани содржини