Заврши денешната расправата за пописот, седницата продолжува утре

Пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пописот е една статистичка операција од која зависи иднината на државата.

341

Пратениците попладнево во рамки на продолжението на 29. седница расправаа за Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по скратена постапка. Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се согласни дека треба попис и се за спроведување попис, но, како што велат, според европски регулативи. Според нив, процесот се води скандалозно, без ВМРО-ДПМНЕ, и нема да даде точни податоци и имаат сомнеж за резултатите од пописот. Прашаа дали ќе се попишуваат државјани на земјава или резиденти, што ќе се случи со двојните државјани, дали ќе се добијат реални податоци и дали тие понатаму ќе се класифицираат, што е целта со податоците што ќе се добијат… Со вака предложениот закон, според нив, му се даваат преголеми овластувања на едно лице, тоа е директорот на Државниот завод за статистика, кој ја пропишува методологијата за пописот.






Сметаат дека за пописот нема национален и општествен консензус и оти поднесените 40 амандмани на опозицијата не биле прифатени од владејачкото мнозинство. Посочија дека поради ковид-19 многу поразвиени држави го одложиле пописот, како Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Хрватска…

– Овој закон треба да го повлечете ако имате доблест. Да не го злоупотребувате европското знаменце – изјави пратеникот Бојан Стојаноски.

Тој повика да се отвори дебата меѓу релевантните ентитети во земјава, да се постигне консензус, а ако тоа не се случи најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира и ќе поднесе иницијатива за собирање потписи за поништување на овој Предлог-закон.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пописот е една статистичка операција од која зависи иднината на државата.

– Од оваа статистичка операција, која треба да биде статистичка, а не политичка, зависи развојот и на економијата, на образованието, на земјоделството… – истакна Ефтимов, додавајќи дека се се сведува на еден политички договор.

Пратениците, пак, од СДСМ истакнаа дека со овој закон се прави попис, а не се спроведуваат избори и не се прави избирачки список. Прашаа зошто ВМРО-ДПМНЕ во минатото и сега бега од попишување на населението и домаќинствата. Нагласија дека мораме да имаме попис и мораме да знаеме со што располагаме, со кои човечки и други ресурси и во која насока да се креираат идните политики на државата. Според нив, една сложена статистичка операција пратениците од опозицијата на говорница ја претвораат во, како што велат, лакрдија и политичко надмудрување.

Поврзани содржини