ЗАВЧЕРА ЛЕТАА МОЛОТОВИ, ВЧЕРА ЗАИГРАА ПИШТОЛИ, А ШТО ЌЕ БИДЕ ВЕЧЕРВА И УТРЕ? Распалувањето на меѓуетничките односи е секогаш во игра

Очекував и сѐ уште очекувам да ни се случи нешто како кумановските настани со цел да се сврти вниманието од прифаќањето на францускиот предлог. Така, бегајќи од помало зло ќе влеземе во многу поголемо зло. На тој начин ќе постојат елементи за да се забранат протестите, да се укаже на опасноста којашто следува и практично да се прифати предлогот. И тоа се сценарија кои веќе ги имаме преживеано, вели професор Злате Димовски за Плусинфо.

744

Се наоѓа ли Македонија во предворјето на меѓуетнички конфликт? Од ден на ден, состојбата на терен е сѐ полоша и полоша. Завчера летаа молотови коктели и камења во центарот на Скопје, синоќа заиграа пиштоли…

Од една страна, илјадници македонски граѓани секојдневно редовно излегуваат на протест пред Владата и пред Собранието со намера да спречат прифаќање на понижувачкиот француски предлог.






Од друга страна, пак, вооружена група од триесетина возрасни мажи вчера спонтано се појави на плоштадот „Скендербег“ и почна директна пресметка со луѓето што протестираат.

Безбедносните експерти имаат поделени мислења. Едни велат дека македонскиот народ треба да биде подготвен на секакви сценарија кои ќе имаат за цел да го оттргнат вниманието од францускиот предлог, но и да ги задушат протестите против францускиот предлог. Други ја смируваат топката и велат дека кулминацијата на инцидентите веќе е постигната и дека не постои клима за избувнување меѓуетнички конфликт.

Кулминацијата е достигната

Пензионираниот армиски полковник и актуелен претседател на Балканскиот форум за безбедност, д-р Благоја Марковски, смета дека кулминацијата на инцидентите била постигната синоќа и дека нѐ очекува прилично мирен период.

Кулминацијата на овие инциденти е веќе достигната со вчерашните настани, па во следните денови работите ќе течат многу поинаку

Благоја Марковски Претседател на Балканскиот форум за безбедност

– Не мислам дека сме во предворјето на меѓуетнички конфликт. Сето ова што ни се случува деновиве се изолирани инциденти поттикнати од определени идеолошки позиции, но сепак контролирани со цел да не се создаде меѓуетнички конфликт. Во контекст на сите настани во Македонија, едноставно, во овие услови не може да се зборува за создавање услови на меѓуетнички конфликт, затоа што имаме добро научени лекции од блиското минато и во тие научени лекции преовладува основата дека сите губиме во еден таков конфликт, а добиваат само определени политички групации. Тие лекции со сигурност ги имаме научено, а и сите истражувања и анализи зборуваат за тоа дека народот не е подготвен да ја повторува истата грешка на воен конфликт внатре во Македонија. Кулминацијата на овие инциденти е веќе достигната со вчерашните настани, па во следните денови работите ќе течат многу поинаку. Сепак, народот ќе продолжи да излегува на улиците и да го искажува својот револт против францускиот предлог и мислам дека Владата треба многу побрзо да реагира во смисла на носење одредени заклучоци во контекст на францускиот предлог. Колку поскоро би се решил тој однос Собрание-Влада-граѓани, толку побрзо ќе се расчисти ситуацијата во земјава. Повеќе од очигледно е дека граѓаните не се задоволни од овој предлог и затоа тој предлог треба да биде одбиен – изјави Марковски.

Сценарио за филм

Злате Димовски, професор по криминалистичко разузнавање и тероризам, во разговор за Плусинфо вели дека очекувал и сѐ уште очекува на Македонија да ѝ се случи нешто слично на „Диво насеље“ со цел да се оттргне вниманието од францускиот предлог, но и за да се задушат протестите против францускиот предлог.

– За очекување беше дека се крои некакво насилно сценарио. Не би можел да обвинам една или друга страна и не би можел да кажам кој би можел да биде креаторот на таквото сценарио, меѓутоа познавајќи ја македонската историја, односно нашите минати активности на ниво на влади и опозициони делувања, јас искрено очекував дека деновиве ќе се случи нешто многу пострашно. Во Македонија секогаш е сензитивно да се разговара за меѓуетничките односи и тука секогаш може човек да најде база за да обвинува и да очекува нешто да се случи. Меѓутоа, состојбата на терен е сосема поинаква. Факт е дека меѓуетничките односи кај нас се користат само за дневна политика, а граѓаните се веќе соживеани и еманципирани, па ниту едните ниту другите не посакуваат немири. Но, искористувајќи ја таа сензитивност, бидејќи ние сѐ уште ја имаме таа детска болест дека не можеме да се трпиме на етничка основа, а практично нема зошто да не можеме да се трпиме, едноставно јас очекував дека ќе ни се случи нешто многу полошо од тоа што ни се случи вчера. Искрено, очекував и сѐ уште очекувам да ни се случи нешто како кумановските настани со цел да се сврти вниманието од прифаќањето на францускиот предлог. Така, бегајќи од помало зло ќе влеземе во многу поголемо зло. На тој начин ќе постојат елементи за да се забранат протестите, да се укаже на опасноста којашто следува и практично да се прифати предлогот. И тоа се сценарија кои веќе ги имаме преживеано. Оти, и вчерашниот инцидент со пиштолите беше дел од нечие сценарио. Само што сега ќе се испостави дека пиштолите не биле вистински, дека зрното никаде не завршило… – објасни Димовски.

Проф. Димовски: Искрено, очекував и сѐ уште очекувам да ни се случи нешто како кумановските настани со цел да се сврти вниманието од прифаќањето на францускиот предлог. Така, бегајќи од помало зло ќе влеземе во многу поголемо зло

Многу е лошо кога одредени политичари ќе најават некакво сценарио и тоа сценарио за многу брзо време ќе стане реалност, додава професорот.

– Се сеќавате дека пред само една недела одредени политичари во земјава предупредија на меѓуетнички тензии доколку не се прифати францускиот предлог? И не дека тие политичари имале некакви сознанија, туку тие се подготвени да го спроведат сценариото. А зошто овие тензии би биле меѓуетнички? Овде воопшто нема потреба да се расправаат и да се тепаат Македонците и Албанците. Ние имаме проблем со Бугарија, односно проблемот е помеѓу државите. Ние никогаш не сме имале проблем со Албанија или со Косово. Сега имаме проблем со држава како Бугарија којашто нешто сака да ни наметне. Затоа, јас овде не гледам причина за меѓуетнички тензии. Дали можеби неприфаќањето на францускиот предлог ќе ја заглави Албанија на патот кон Европа? Апсолутно не е така. Албанија си има своја агенда, а ние си имаме своја агенда. Дали ќе нѐ одвојат од пакетот или нема да нѐ одвојат, најмногу зависи од оние актери од ЕУ коишто доаѓаат овде за да ни пеат песна – изјави Димовски.

Целта е поинаква

Албанците треба да докажат дека во Македонија има соживот со тоа што и политичките партии од албанскиот блок ќе ги поддржат барањата на Македонците во однос на францускиот предлог, вели Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносните науки и кривичното право.

Проф. Буџаковски: Албанците и албанските партии во земјава сега треба да ги поддржат барањата на Македонците, а не да се заканувааат дека нема да коалицираат со политички партии коишто нема да го поддржат францускиот предлог

– Во моментов нема клима за избувнување меѓуетнички конфликт во Македонија. Постојат поединци или групи коишто сакаат да предизвикаат меѓуетнички конфликт, меѓутоа, целта и барањето на оние коишто излегуваат на протест против францускиот предлог е сосема во друга насока. Но, ако некој сака да наметне меѓуетнички конфликт, тоа не може да вроди со плод. Тоа го забележавме и кај оние што протестираат против францускиот предлог, бидејќи нивната цел не е да се пресметуваат на меѓуетничка основа, туку целта им е да ги заштитат македонскиот народ, идентитетот, јазикот и сите оние бугарски барања коишто се актуелни во овој период. Албанците и албанските партии во земјава сега треба да ги поддржат барањата на Македонците, а не да се заканувааат дека нема да коалицираат со политички партии коишто нема да го поддржат францускиот предлог. Затоа, им препорачувам на Албанците да размислат, оти во одредени моменти во иднина ќе им треба нашата поддршка, а во одредени моменит нам ни е потребна нивната поддршка. Едноставно, соживотот значи поддршка во вакви клучни моменти за државата – ни изјави Буџаковски.

Спасовски: Полицајците не дозволија да се случи инцидент од поголеми размери

Полицијата го спречи вчерашниот инцидент, бидејќи на терен беа излезени поголем број полициски службеници, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

– Погледнете ги видеата кои беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам, зар ова не е некој што интервенира на лице место? Не треба да дојде до ова секако, и за да не дојде до ова секој еден граѓанин треба да знае дека протестите мора да бидат мирни. Никому не му е дозволено да вади огнено оружје, немојте да оправдувате вадење огнено оружје, можеше да дојде до поголеми последици – рече Спасовски.

Министерот потенцираше дека имало доволно полициски службеници кои не дозволиле да дојде инцидент од поголеми размери.

Поврзани содржини