ЗАТВОРАЊЕ НА УЛИЦИ И ПРЕНАСОЧЕН СООБРАЌАЈ „Прв до врв“ во недела го менува движењето низ Скопје
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите и упатствата од полициските службеници, со цел настанот да помине безбедно и во спортски дух.
Оваа недела, на 18 мај 2025 година, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв – Скопје“, ќе се одржи тринаесеттото издание на традиционалниот спортско-рекреативен настан „Прв до врв“, кој секоја година обединува љубители на велосипедизмот, планинарењето и природата.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, стартот на велосипедската трка ќе биде во 09:45 часот пред Музејот на град Скопје, а маршрутата ќе се движи по ул. Св. Кирил и Методиј, бул. Св. Климент Охридски, бул. Мајка Тереза, ул. Тодор Александров и по локалниот пат кон Средно Водно до Милениумскиот крст.
Планинарите ќе стартуваат во 10:00 часот од пред ОУ „Кочо Рацин“, а ќе се движат по ул. Тодор Александров, преку ул. Салвадор Аљенде, по планинската патека кон Средно Водно и завршна точка на врвот на Водно.
Поради одржување на настанот, СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај, при што дел од улиците ќе бидат затворени или со пренасочен сообраќај, а патролни полициски екипи ќе бидат распоредени долж трасата.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите и упатствата од полициските службеници, со цел настанот да помине безбедно и во спортски дух.