ЗАТРУПАНА МАРКОВА РЕКА Градителите на хидроцентралите не се дел од Комората

Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи се мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат.

3,873

Маркова Река деновиве е комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности на три мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, информира денеска НВО Еко-свест.

Оттаму бараат Министерството за животна средина да започне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145, а концесионерот да ја поправи состојбата на реката.






– Реката и речното корито се целосно уништени. Цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем – велат од Еко-свест.

Од Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Северна Македонија денеска информираа дека споменатите три хидроелектрани воопшто не се дел од Групацијата.

„Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на C02 и метан. Малите хидроелектрани ги користат природните водни ресурси, произведуваат чиста енергија без аерозагадување и имаат минимално влијание на природната околина само при градбата, а ние како Групација при Комората ги почитуваме одговорните градежни практики и работиме целосно согласно Законот и домашните регулативи, но го следиме и строгото европско и светско законодавство за заштита на животната средина со цел да се обезбеди нивна одржливост“, се наведува во реакцијата на Групацијата.

Таа побарала надлежните институции да го истражат случајот во целост, со цел јавноста да не се доведува во заблуда.

Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест нагласува дека штетата која е направена не може да се надомести.

– Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа – посочи Чоловиќ Лешоска.

Поврзани содржини