ЗАСЕГА НЕМА ДА ГО РАЗРЕШИ ДИРЕКТОРОТ НА ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА Филипче од истрагата ќе дознаел дали со пациентите имало и придружба

1,047

Министерот за здравство Венко Филипче одби да одговори дали ќе бара одговорност од директорот на тетовската болница затоа што биле прекршени сите протоколи со тоа што се дозволила посета, но и придружба на пациентите болни од ковид-19.

Тој првин почна неуверливо да зборува дека откако граѓаните се вакцинирале, протоколите малку се подопуштиле за граѓаните со сертификат за вакцинација, за потоа да каже дека за се треба да се чека истрагата.






– Треба да се земат предвид повеќе аспекти пред да се донесе каква и да е одлука. Посетите се забранети и ќе инсистирам на точна проверка што се случило, колку придружници имало и како бил организиран целиот тој процес. Од утре тоа ќе го истражува Државниот здравствен и санитаерен инспекторат. Посетите се традиционална глетка во нашите болници и од искуство знам дека тоа тешко може да се изменаџира и забрани – рече Филипче.

На бројните новинарски прашања дали имало придружба со ковид-болните пациенти ни дали и некој од нив е жртва на пожарот, министерот повторно повика да се причека исходот од истрагата, истакнувајќи дека и до него досега допреле такви гласови.

Да потсетиме, на 2 септември Дојче веле објави видео од тетовската модуларна болница од кое се гледа дека таму слободно се шетаат цивили, честопати и без маски и никаква заштита, во потрага по своите најблиски. Други пак, им даваат поддршка на најблиските седнати покрај нивните кревети во скафандери.

Пожарот се случи една недела подоцна, што значи дека Филипче барем од медиумите знаеше дека пациентите болни од ковид имаат придружба во текот на своето лекување во модуларната болница и имаше време да реагира на тоа.

Во поглед на безбедноста на модуларните болници, имајќи предвид дека во синоќешната трагедија 14 животи беа изгубени за само четири минути, Филипче рече дека модуларните болници се безбедни според сите стандарди и постапки, а пожари се случуваат.

– Она што тука го имам со мене, тоа е целата документација за набавка и поставување за модуларните болници, и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки и вакви проекти поддржани од Светска Банка. Истрагата треба да утвди дали по предавањето во употреба истиот бил квалитетно употребуван. Нашиот интерен увид покажа дека се што е вградено од материјалит во тетовската модуларна болница е со сертификат, а процесот на инсталација е со А тестирање. Сето тоа е под контрола на компанија, буквално за секој материјал вграден во болницата – рече Филипче на прес-конференција.

Тој апелираше до граѓаните и до медиумите да не создаваат паника и недоверба кон ковид центри кои „значат многу и спасуваат многу животи“.

Поврзани содржини
na