Без оглед на сите критики, па и од моја страна, не можете на Славјанка Петровска да ѝ ја негирате смелоста јавно, ден-два пред гласањето за избор на претседател на сдсм (малите букви се… знаете веќе што), да ја обзнани подготвената партиска „операција Филипче“. И да се повлече од изборот. А после целиот срамен циркус, хируршки прецизно и да ја дијагностицира „победата“ на докторот: „Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“!
Се разбира, Петровска сака и понатаму да верува дека ова и вакво сдсм е партија, но тоа сдсм, сега, дефинитивно се трансформираше во заробена секта.
Зашто, тоа што се случувало во таа секта на изборниот ден ги надмина сите прогнози – изречени или премолчени – за срамни и недолични избори. Речиси половина од пријавените гласачи да не гласаат, да имате инциденти на гласачки места, скршени кутии и поништено гласање, да ја имате на гласачкото ливче дури и кандидатката која се откажала од учество, па таа да добие и гласови а Централната изборна комисија да ги вреднува како валидни…, тоа не само што е крајно недемократски туку е јавно демонстрирано силеџиство од најдолен вид.
И на тоа му кумува еден (велат) угледен доктор/професор, целото досегашно раководство но и сите претходни раководства, функционери и членови на онаа некогашна партија! И згора на сѐ, „избраниот“ го нарекуваат – лидер!?
И кога ќе ги наброите сите скандали што го следеа овој избор – меѓу нив и фактот дека за новиот „лидер“ гласале помалку од десет проценти од членството! – ќе видите дека и избори за претседател на куќен совет се вршат со построги критериуми и подемократски процедури.
И баш ме интересира што и како ќе коментира онаа славна „меѓународна заедница“ која постојано наоѓа некакви недемократски забелешки на изборите во Русија? Па и г-ѓата Агелер, која секогаш има коментар на актуелните случувања во Македонија. Па Путин е мало дете за овие и треба да дојде на часови кај раководството на оваа секта!
Се разбира, во еден таков контекст, се поставува прашањето: дали нештата се сега појасни? Не само овие со „изборот“ на новиот „претседател“ на сдсм туку и со сите изминати седум години, колку што, да се надеваме последен пат, таа секта беше на власт? Дали она што беше толку очигледно сомнително и пред 2006 година, со „тенкистон“ и останатата партиска булумента, сега дефинитивно се потврдува дека станува збор за страотно криминогена „партија“, за неморални луѓе (од врвот до дното), за манипулативноста како систем, коруптивноста како трајна „вредност“ и простотилакот како „идеолошка“ определба?
Дали и понатаму ќе се чудиме што и зошто се случило на пописот во Албанија, зошто онаа и онаква „преговарачка рамка“, зошто двата идиотски договори со соседите, зошто ова и зошто она…?
Зашто, и после сѐ што гледавме и слушавме овие години, а особено овие месеци, после сите идиотизми со откажувањето на конгресот, со кандидатурите за нов претседател и начинот на избор, но посебно со аргументацијата на една од кандидатите за очигледна манипулација со изборите…, зарем после сето тоа овие навистина се осмелија да изберат „претседател“? Се разбира – сѐ во духот на дотогашната криминална традиција, махинациите, сплетките, интригантството, внатрепартиските „игранки“…!
И зарем после сето тоа овие ќе имаат образ утре да излезат на улица? Па се разбира, веќе излегоа, свиреа зурли и тапани, славеа, ама – што? Всушност, тие цело време нешто славеа, и слават. Ги славеа сите свои порази, сите ужасни лаги со коишто ја манипулираа македонската јавност, славеа некаква „држава“ од којашто нормалниот граѓанин се срамеше…
Отидоа дури и во Атина да ја слават срамната промена на историското име на државата!
Оттука, некој ќе рече, сето ова е всушност нормално за нив. И веројатно е така. Зашто кога сте свикнале на криминал, корупција, лаги и махинации…, кога тоа ви е дрогата што ве стимулира и често ве носи на власт, тогаш и овој и ваков „избор“ е – „нормален“.
А сепак, после сѐ, а особено после вакви избори и со ваков „избран“ претседател, останува да виси едно прашање: што навистина очекува оваа и ваква секта викана сдсм од новиот „претседател“ и што тој очекува од сектата што сега (ќе) ја претставува? Тоа воопшто не е неважно прашање, ни во првиот, а особено не во вториот дел.
На пример, дали сдсм реално очекува новиот „претседател“ да ја води сектата или знаат дека тоа ќе се прави од друго место, од друг центар? И тоа им одговара? Ако ги погледнете оние кои стоеја на бината и ракоплескаа на изборот – да. Тие тоа го знаат. Но што ли, повторно, очекуваат од тој друг центар освен старата провинциска простотија во ново пакување? И нели е тоа малку малоумно? Или многу малоумно? И кои и какви се воопшто тие луѓе кои веруваат во такво нешто, во „шармот“ на манипулациите и лагите на тој офуцан центар? И каде ќе ги одведе тоа?
Тоа нема да ги одведе никаде освен што ќе ги зацврсти на самото дно на македонската политика, онаму од кадешто нема назад. Зашто, како што велел Стивенсон, ова е нивната „изгубена битка на доблеста“, нивниот пекол, криминално-коруптивен крај што ќе им ги запише имињата во македонската политичка историја со најцрни букви! Вакво нешто, ваква кражба и манипулација не се случиле ни во најригидните автократски системи. Каков Путин, какви бакрачи!
Од друга страна, што очекува од една ваква криминална секта еден (велат) угледен доктор/професор, но човек со никакво политичко искуство? Зашто оние негови години на министерување во здравството беа сѐ друго освен политика. Зарем му е мал предизвикот на хуманата професија па му треба друг, во валканите политикантски води? Или мисли дека местото пратеник во Собранието – крајно недостојно изнудено – а сега и „претседател“ на политичка партија ќе го спасат од потенцијален прогон, и казна, за нештата што се случуваа во македонското здравство во негово време?
Но и тоа, покрај сето друго, останува обврска на новата власт којашто токму низ вакви предизвици ќе мора да покаже дали навистина борбата против криминалот и корупцијата се нејзин прироритет!
П.С.
И сериозно очекувам да се огласи некој од „меѓународната заедница“, можеби оној Шолц кој така дегутантно ни ги нудеше пред парламентарните избори, или оној американскион продавач на половни возила… А во секој случај г-ѓата Агелер, која така агилно се бори против корупцијата и криминалот во земјава.
Или, да не мислат , за некоја година, кога „ќе легнат“ работите, повторно да ни ги продаваат како македонски „прогресивни“ сили?
Извор: Теодосиевски уметност