Зарем сите треба да се поклониме пред силеџиите?
Зарем „реалните политички односи“ ќе нѐ убедат дека силата е вистинскиот пат, дека лагата е вистината што некој сака да ја слушне, дека сиот нормален свет е малоумен само оние малубројни меѓународни силеџии се во право…? А меѓу нив и источниот ни сосед? И ние сега треба да клекнеме и да им се поклониме, како што впрочем инсинуира и оној неодамнешнион и за среќа бивш „министер“ за надворешни – во дует со оној уште побивши – со некакви 250.000 бугарски пасоши?
Колку човек и да бега од реалполитиката, од наводните и од некого посакувани „реални политички односи“, од кршењето на меѓународното право и вековна правда…, колку човек и да се залага за хуманизам, морал и цивилизациски стандарди и вредности, секогаш има ретроградни сили што опасно ја застапуваат, па богами и ја пропагираат „другата страна“, онаа којашто, наводно, е суштината на денешните односи во светот.
А таа, суштината, велат тие, не е меѓународното право, не е правдата, не е Човекот и неговиот морал…, туку е политиката – поточно политикантството – базирано врз силата, моќта, силеџиството, агресијата…! Тоа се нивните морални вертикали, тоа се нивните духовни проповеди.
И упорно тоа го повторуваат со години а некои дотични им ракоплескаат и глупостите им ни ги подметнуваат како важно четиов, упорно нѐ клукаат со оправдувања на нечии силеџиски манифестации и делат упатства за нашето задолжително клекнување пред нив. И сериозно ја застапуваат токму таа „суштина“ како добра државна политика: да се молчи, да се клечи, да се ведне главата и затвораат очите пред едно малоумно насилничко однесување, а секое евентуално спротивставување да се етикетира како политичко и дипломатско незнаење!
Односно, пренесено на локален терен, дека, ете, „(…) нашите политички претставници и дипломати им ги пукнале ушите на соговорниците со приказните за правото, правдата, принципите и европските вредности во прилог на докажување на тезата колку нашата држава е во право според член тој и тој, а колку грешат другите“? Па зарем тие други имаат толку нежни ушни тапанчиња или пак се глуви за вистината?
И што во таков случај требаше ние да правиме односно (барем некои од) „нашите политички претставници и дипломати“? Требаше да кажеме дека ние грешиме, дека не сме народ туку Коминтерновска измислица, дека нашата држава не е во право „според член тој и тој“, и дека не грешат другите туку грешниците сме ние?
И дали, особено, би требало конечно да признаеме дека „дипломатијата не е докажување колку си во право, оти тоа се прави на суд“ туку „Дипломатијата е придобивање за својата кауза и компромиси кои водат до решенија“?! А кои тоа компромиси, и кои решенија? Оние на другите? И зошто тие насилнички, силеџиски „компромиси“ ние би морале да ги слушаме?
И дали истите нешта треба(ше) светот да им го каже на кутрине во Палестина, а сега богами и во Иран? А претходно и во Ирак. А уште попретходно во некој Виетнам, Камбоџа, Авганистан…?! Тоа ли е „славната“ македонска дипломатска наука којашто, ако веќе ги спомнуваме, нѐ држеше „дваесет и пет години заглавени во грчката приказна и еве накај десетина во бугарската“?!
И тоа ли дотичниве персони ги учеа/учат македонските студенти на нивните часови: како да се клекне пред посилниот, на десното или на левото колено? И како полесно да се свитка вратот?!
И тоа ли се нарекува дипломатија и меѓународно право? И правда?
И затоа ли нивните студенти немаат поим што е тоа фашизам/нацизам, Втора светска војна, па дури ни „Големата војна“ или двете Балкански војни? Затоа што некој не сака да им посочи дека имало и овде некои кои не сакале баш онака одлесно да клечат пред агресорот туку дури и смртта им изгледала како подобар избор? И зошто „сиромавиот“ со овоземни азна но богат со дух не се плаши дури ни од смртта, ама оние „натоварените“ со нечесно стекнат имот душа немаат (и) пред таа закана?
Се разбира, некој може да оправда сѐ, особено (не)човек кој е добро платен или кому материјалните добра, којзнае како стекнати, му ги диктираат животните ставови и стравови. Кај „обичниот“ човек доминантна е емпатијата, моралот, грижата за себе и семејството, но и за другиот – за сонародниците и целиот човечки род.
Звучи претерано емпатично, дури анахроно? Можеби, но тогаш зошто сме ги вградувале оние пораки во Уставот за темелните вредности односно за „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право“, „хуманизмот, социјалната правда и солидарноста“, „почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право“… и сѐ што произлегува од тие одредби, дека „Животот на човекот е неприкосновен“, дека „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени“ и „Се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“, дека се гарантира… итн.?
Само заради Бадинтер и лесен помин пред меѓународната заедница како (божем) цивилизирана држава а всушност сме дивјаци кои се поклонуваат само пред силата? И така (ќе) ги учиме и идните генерации?!
И до кога ќе бидеме статисти во овој квази-интелектуален театар каде главниот збор го води една одредена групација која веќе отворено и со фанфари навива за нечовечна пропаст на моралниот интегритет на македонскиот граѓанин? И што сѐ историски оправдуваме со ваквите перфидни ставови? Зарем „реалните политички односи“ ќе нѐ убедат дека силата е вистинскиот пат, дека лагата е вистината што некој сака да ја слушне, дека сиот нормален свет е малоумен само оние малубројни меѓународни силеџии се во право…? А меѓу нив и источниот ни сосед? И ние сега треба да клекнеме и да им се поклониме, како што впрочем инсинуира и оној неодамнешнион и за среќа бивш „министер“ за надворешни – во дует со оној уште побивши – со некакви 250.000 бугарски пасоши?
Што, по ѓаволите, сакаат овие?