ЗАРЕМ НЕ КОПНЕЕ СЕКОЈ ПО ТАКВА ЉУБОВ? Романот „Ние“ е приказна за невидливите нишки на вечната љубов

Станува збор за навидум наивна и клише забранета љубовна приказна. Се вљубуваат 29-годишен маж и 40-годишна жена. Нивната врска им пркоси на предрасудите и ја велича љубовта – чистата и лојалната љубов. Онаа љубов која треба да совлада препреки за да се оствари, која треба да го положи тестот на осаменоста и на загубата на нешто што никогаш не си го имал, а ти било на досег на срцето. Онаа љубов која го оживува човека, му дава сила и конечна смисла на постоењето.

338

Романот „Ние“ (Арс либрис, 2022) на Ана Стојаноска е приказна за невидливите нишки во љубовните врски. За оние најсилни сврзници меѓу двајца кои дури и да сакаат не можат да ги објаснат причините за нивното заедниствување. Освен дека не може и не смее да биде поинаку. Дури и кога поради нив универзумот ќе се преврти наопаку.

Станува збор за навидум наивна и клише забранета љубовна приказна. Се вљубуваат 29-годишен маж и 40-годишна жена. Нивната врска им пркоси на предрасудите и ја велича љубовта – чистата и лојалната љубов. Онаа љубов која треба да совлада препреки за да се оствари, која треба да го положи тестот на осаменоста и на загубата на нешто што никогаш не си го имал, а ти било на досег на срцето. Онаа љубов која го оживува човека, му дава сила и конечна смисла на постоењето. Зарем не копнее секој човек по таква љубов? По лик што таа ќе го најде, додека тој ја бара во своите мисли, или обратно.






Движејќи се меѓу јас и ти, доаѓаме до ние. Во првиот дел од романот, насловен „Јас“, авторката во прво лице ја опишува врската на Ана од нејзиниот, женски аспект. Дознаваме дека таа е успешна писателка, разведена жена, која го напуштила сопругот кој ѝ обезбедувал комфорен но лицемерен живот, само со лаптопот и со неколку парчиња облека за себе и за својот тогаш едногодишен син.

Нема вистинско време за вистинска љубов, вели авторката, и му приредува фатално вљубување на својот главен лик, во четириесеттата година од животот. Ана е вљубена како тинејџерка во некого што случајно го запознава, додека тој е во петгодишна врска со друга жена. Ништо не ѝ пречи на Ана да ѝ дозволи на нејзината љубов да земе замав и да го осветли нејзиното секојдневие, омеѓено од граници кои ги ѕидала со цел никој да не ја повреди повторно. Иако и самата е свесна за разликите, за предрасудите, за ризиците…, таа ѝ дава предност на љубовта и се води од наивната и возвишена сеобземачка емоција, која ги урива сите пречки и на која ништо не може да ѝ се испречи, дури ни смртта.

„Со него научив дека најдобрата форма од себеси се постигнува со љубов“, заклучува Ана.

Вториот дел од романот, насловен „Ти“ ги опишува настаните доживеани од Марко, партнерот на Ана. Овој дел од романот е напишан во второ лице.

Третиот дел од романот е насловен „Ние“. Крајот го сумира синот на Ана, кој всушност по нејзината смрт открива нешто како нејзин дневник, но тоа е всушност последната загатка од омилената игра на неговата мајка-писателка на крими романи. Оваа загатка ќе го натера да ги прочита нејзините романи, иако додека растел покрај неа се заколнал дека никогаш нема да чита што пишува таа. И загатката и нејзиното одгонетнување се всушност уште една невидлива нишка во љубовта, овој пат меѓу мајката и синот. Нишка која зборува за љубовта и по физичката смрт на еден од ликовите, но која останува да сведочи за вечноста на емоциите кои галат од далеку.

Романот „Ние“ ја велича трајната љубов и целосната припадност на едно срце на друго, на еден ум на друг ум. Или како што и самата Стојаноска ќе рече романот „е посвета на една љубов“.

Д-р Стојаноска е театролог, писателка и редовна професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а од лани е претседател на Собранието и уметнички директор на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. „Ние“ е нејзин четврти роман.

Поврзани содржини