🎥 ЗАПАЛЕН ВЛЕЗОТ НА МВР НА АЛБАНИЈА, ПРОТЕСТИТЕ СЀ ПОЖЕСТОКИ Повредени 16 полицајци, нападнато седиштето на Социјалистичката партија на Рама

Маскирани демонстранти на шестиот ден од протетсиѕѕе во Тирана фрлаа камења, молотови коктели и пиротехника кон полицајците и ги запалија Полициската станица број 3 и главниот влез на Министерството за внатрешни работи.

1

Во синоќешните протести во Тирана, кои се одржаа шести ден, повредени се 16 полицајци, а беше нападнато и седиштето на владејачката Социјалистичка партија и зградата на Министерството за внатрешни работи, пренесе Албаниан пост.

Маскирани демонстранти фрлаа камења, молотови коктели и пиротехника кон полицајците и ги запалија Полициската станица број 3 и главниот влез на Министерството за внатрешни работи.






За време на судирите меѓу полицијата и демонстрантите повредени се и еден малолетник и еден новинар.

Полицијата за време на интервенцијата употреби солзавец и водени топови.

Протестот почна околу 12:30 часот со собирање на учесниците пред Министерството за образование, а веќе околу 13:20 часот беа фрлени првите камења кон полицајците, додека околу 13:50 часот судирите се интензивираа. За време на инцидентите во близина на Министерството за образование, новинар беше погоден со камен во карлицата и му беше укажана медицинска помош.

По 14 часот, демонстрантите го напуштија просторот пред Министерството за образование и почнаа протестен марш низ улиците на главниот град на Албанија. По околу еден час, тензии избувнаа во близина на седиштето на Социјалистичката партија, каде што група демонстранти, главно маскирани млади лица, успеа да го пробие полицискиот кордон и почна да ја гаѓа зградата со камења и со цврсти предмети.

Демонстрантите ги искршија стаклата на главниот влез во седиштето на Социјалистичката партија, чиј претседател е албанскиот премиер Еди Рама. За време на судирите беа забележани маскирани лица како излегуваат од зградата, од кои некои носеа палки, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата и да ја врати контролата врз подрачјето. Сепак, нападите не престанаа целосно, бидејќи подоцна беа пријавени и други инциденти во близина на седиштето на социјалистите.

Потоа групи демонстранти околу 15:30 часот пристигнаа до канцеларијата на премиерот, каде што повторно дојде до дополнителни инциденти со полицијата.

Во попладневните и вечерните часови насилството се прошири во други делови на Тирана, а демонстрантите со молотови коктели ја нападнаа полициската станица број 3, предизвикувајќи пожар и оштетувања на зградата. За време на инцидентот беше пријавено дека се повредени 16 полицајци, додека некои од нив беа видени како лежат на земја внатре во просториите на установата.

Во истата фаза од протестот, молотови коктели и пиротехника беа фрлени и кон Министерството за внатрешни работи, при што главниот влез во зградата се запали, додека демонстрантите продолжија да фрлаат камења и пиротехнички средства кон полицајците кои го обезбедуваа подрачјето.

Во текот на вечерта беа пријавени и други инциденти, при што демонстрантите фрлаа камења и пиротехника кон полицијата, на што полицијата повторно одговори со солзавец. Околу 19 часот демонстрантите почнаа да се разидуваат во неколку делови на Тирана, но ситуацијата не се смири целосно.

Протестите, предводени од студенти, почнаа поради незадоволство од состојбите во образованието, високите трошоци за студирање и слабите можности за вработување на младите, но прераснаа во пошироки демонстрации против владата на Еди Рама, со барања за негова оставка.

🎥 „БОГ ЗНАЕ КАКВИ ЌЕ БИДАТ ПОСЛЕДИЦИТЕ“ Рама не поднесува оставка и предупредува на ескалација со крвопролевање

Поврзани содржини