ЗАПАДОТ СЕ ОБИДУВА ДА СПРЕЧИ ФОРМИРАЊЕ МУЛТИПОЛАРЕН СВЕТ Неговите конкуренти го надминаа во повеќе аспекти
Западните земји се обидуваат да ја одржат својата доминација, не со преговори и методи на фер конкуренција, туку со директна уцена, притисок и со санкции, рече денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, на Самитот на Шангајската организација за соработка.
Западот се обидува да спречи формирање на мултиполарен свет и со уцени и санкции се обидува да ја одржи својата доминација, рече денеска шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, на маргините на Самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС).
Тој наведе дека дискусиите и иницијативите изложени на Самитот на ШОС во Тјанџин, Кина покажуваат дека се формира мултиполарен свет.
– Западните земји се обидуваат да го спречат тоа. Тие се обидуваат да ја одржат својата доминација, не со преговори и методи на фер конкуренција, туку со директна уцена, притисок и со санкции – наведе Лавров.
Според него постои „колосална“ злоупотреба на улогата на доларот во светската трговија и оти САД на сите им наметнуваат царински војни.
– Општото мислење беше дека сето ова нема никаква врска со обидот да се одбранат легитимните права на Западот во глобалната економија и политика, туку едноставно се користи како алатка за потиснување на конкурентите. Фактот дека конкурентите не само што пораснале, туку веќе се пред историскиот колективен Запад во повеќето аспекти, е очигледен за сите – истакна Лавров.