ЗАПАДОТ ГО СТИСКА ПУТИН СЕ ПОСИЛНО Новите санкции ќе ѝ донесат загуби од 50 милијарди долари годишно на Русија
Санкциите против руските нафтени компании веќе предизвикуваат големи штети, а Украина очекува нови рестрикции од западните партнери.
Русија ќе се соочи со годишни загуби од најмалку 50 милијарди долари поради неодамна воведените меѓународни санкции, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи се на извештај на шефот на украинската Служба за надворешно разузнавање, Олег Ивашченко, пренесува Укринформ.
– Имаме прелиминарни разузнавачки проценки за влијанието на новите санкции на нашите партнери врз руската воена машинерија. Врз основа на овие информации, ја прилагодуваме нашата комуникација со партнерите и се подготвуваме за нови мерки – изјави Зеленски, додавајќи дека санкциите против нафтените компании веќе предизвикуваат значителни економски штети за Москва.
Според него, доколку продолжи постојаниот и принципиелен притисок врз Русија, нејзините загуби ќе достигнат најмалку 50 милијарди долари годишно, само од новите рестрикции.
Зеленски изрази и надеж за дополнителни санкции од западните партнери, посочувајќи дека веќе постојат сигнали во таа насока.
– Количините нафта што арапските земји ги испорачуваат на глобалниот пазар сигурно можат да спречат каква било дестабилизација или скокови на цените за кои Русите зборуваат за да сеат страв – изјави украинскиот претседател.
Тој нагласи дека редовната размена на информации со клучните земји-партнери продолжува, особено во делот на идентификување руски компании и поединци што заслужуваат дополнителни санкции.
– Партнерите веќе земаат предвид значаен дел од нашите предлози – додаде Зеленски, потенцирајќи дека мерките против руската флота танкери мора целосно да се спроведат.