ЗАЛУДНО СЕ НАДЕВАА НА 6% Пензионерите од денеска добиваат повисоки пензии за 5,3%

Дел од пензионерите најавуваат нови протести незадоволни од начинот на пресметка на порастот на пензиите.

704

Почна исплатата на септемвриските пензии кои , како што соопшти Министерството за труд и социјална политика се повисоки за 5,3%.

Од Министерството велат дека ова зголемување кое е второ годинава е во согласност со методологијата за раст на пензиите.






– Во месец март беше зголемена за 8,4 % и заедно со 5,3% во септември, изнесува вкупно  13,7% за годинава- велат од Труд и социјала.

Оттаму појаснуваат дека новата Методологија предвидува пензиите да се усогласуваат со 50% трошоците за живот и 50% од процентот на порастот на просечната плата.

-Процентот на зголемување на пензиите се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.Согласно оваа методологија и податоците од Државниот завод за статистика, пензијата за месец септември е  зголемена за 5,3% – велат од Министерството.

Грубата пресметка покажува дека пензионерите со најниски пензии од 11.897 денари ќе добијат плус само  630 денари од ова зголемување, а оние со највисоки пензии ќе добијат 3.599 денари плус.

Пред два месеца беше најавено дека септемвриското зголемување на пензиите ќе изнесува 6%.

Ова го зголемува револтот на пензионерите кои изминатите два месеца протестираа со барање да се промени начинот на пресметка на зголемувањето и да се утврди минимлана пензија.

Од страна на Министерството за труд и социјална политика беше формирана работна група која треба да изнајде начин за решавање на нивните барања.

Поврзани содржини