ЗАКОНИТЕ ГО КОЧАТ РАЗВОЈОТ НА ДИГИТАЛНОТО ПЛАЌАЊЕ Се бараат помодерни решенија
Со растот на новите дигитални технологии за плаќање, потрошувачите и трговците ќе имаат широка палета производи за плаќање и се очекува дека финтек-компаниите ќе воведат нови, иновативни начини за плаќање коишто ќе бидат лесно достапни.
Дури 90 отсто од компаниите и институциите во земјава се свесни за придобивките што ги носи дигитализацијата за финансиските услуги, а над 70 отсто инвестираат во дигитална трансформација, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот на конференцијата насловена „Плаќањата во дигиталната ера: од внатре кон надвор“ што ја организира Народната банка со поддршка на Централната банка на Холандија.
Според гувернерката, регулативата и големината на пазарот се двете главни пречки за развојот на финтек-секторот.
– Недостатоците во регулативата главно се однесуваат на областите коишто се однесуваат на перењето пари, заштитата на податоците и платниот систем, што ќе биде опфатено со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто ги вгради директивите и регулативите на Европската Унија од областа на плаќањата. Очекуваме дека новата регулаторна рамка и пошироко, примената на Стратегијата за финтек-секторот, ќе придонесат за новото „од внатре кон надвор“ за македонската платежна индустрија – рече Ангеловска-Бежоска.
Таа рече дека напредокот во технологијата ги отвора вратите за иновативни дигитални услуги во финансиите, но за да се отклучи нејзината вистинска вредност за деловните субјекти и потрошувачите, регулаторите треба да ја одиграат својата улога.
– Народната банка формира Центар за иновации со цел да ги олесни, да ги поттикне и да ги поддржи иновациите во финансиските услуги, вклучително и платежните услуги. На овој начин им помагаме на новите учесници подобро да ја разберат постојната регулатива, а за возврат, тие ни помагаат да ги откриеме потенцијалните регулаторни пречки – рече гувернерката.
Гувернерот на Банката на Холандија, Клас Кнот зборуваше за неколку трендови во плаќањата, како употребата на готовина, развојот на криптовалутите и стабилните монети и употребата на големи бази на податоци и вештачка интелигенција, а ги истакна и можностите и ризиците за секој од нив.
– Како централни банкари и супервизори, искажуваме поддршка за секоја технолошка иновација со чија помош плаќањата би станале полесни и достапни за секого, којашто би придонесла за благосостојбата на нашите општества, за сигурен и стабилен финансиски систем. Но, постои еден задолжителен услов. За нас, како супервизори и централни банкари, довербата оди рака под рака со правилата, регулативата и супервизијата. Од една страна, треба да овозможиме простор за технолошките иновации коишто ветуваат напредок, но од друга страна треба да ги контролираме ризиците. Доколку има преголема слобода на ризиците, луѓето може да ја изгубат довербата во финансискиот систем. Иновациите за кои штотуку зборував не се ограничени со традиционалните граници. За да имаме корист од нив, а истовремено ефикасно да ги спречиме ризиците коишто ги носат, потребен ни е национален и меѓународен пристап, што е и основа за одржувањето вакви конференции на кои се разменуваат мислења и искуства -рече Кнот.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими во обраќањето на конференцијата посочи дека со развојот на пазарот на финансиски услуги ќе се зголеми конкуренцијата, што ќе ги поттикне банките и другите финансиски институции да бидат поактивни во примената на технолошките иновации во финансискиот сектор.
Според него, со растот на новите дигитални технологии за плаќање, потрошувачите и трговците ќе имаат широка палета производи за плаќање и се очекува дека финтек-компаниите ќе воведат нови, иновативни начини за плаќање коишто ќе бидат лесно достапни.
– Оттаму е и новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто ќе овозможи развој на пазарот на платежни услуги и влез на небанкарските институции, како што се платежните институции и институциите за електронски пари. Овие нови даватели на платежни услуги се првенствено од финтек-секторот и се очекува дека ќе ја поттикнат дигиталната трансформација на сегашните учесници на пазарот -рече Бесими.
Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура ќе се одвива денеска и утре и за ова време носителите на политиките и експертите ќе ги споделат мислењата и ќе разговараат за најновите трендови и предизвици коишто произлегуваат од влијанието на новите технологии врз пазарот на платежни услуги, промената во навиките за плаќања во дигиталната ера, можностите и предизвиците од отвореното банкарство, трансформациите водени од финтек-компаниите, безбедноста во дигиталниот простор, како и дигиталните валути издадени од централни банки.
Конференцијата има меѓународен карактер, со присуството на претставници на Европската централна банка и националните централни банки од Европската Унија, Федералните резерви на САД, централните банки на земјите од регионот, Светската банка, Европската комисија, странските деловни банки, домашните регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните и странските небанкарски институции коишто се засегнати страни во доменот на платежните услуги.