ЗАКАЖАНИТЕ СО ИТНА ПОСТАПКА ЌЕ ИМААТ ПРЕДНОСТ ЗА СЛИКАЊЕ Нека очекуваат повик за нов побрз термин, велат од МВР

Граѓаните се зачудени како може Министерството за внатрешни работи да ги помести датумите за сликање по редовна постапка за неколку месеци понапред, а тие што сакаат да се сликаат по итна постапка - треба да чекаат дури три месеци за термин и да платат поскапо.

5,552

Наши читатели кои вчера закажале сликање за пасош по итна постапка, добиле термин за сликање дури за во април или за во мај годинава. Тие се зачудени како може Министерството за внатрешни работи (МВР) да ги помести датумите за сликање по редовна постапка за неколку месеци понапред, а тие што сакаат по итна постапка – треба да чекаат дури три месеци аз термин и да платат поскапо. Но од Министерството за внатрешни работи смируваат, велат дека сè ќе се среди наскоро.

Бидејќи пунктот во „Пролет“ сега работи само со закажувања, се вжештија телефонските линии кои служат за закажување термин за вадење лични документи. Граѓаните велат дека вртат по двесте пати, чекаат по 15 минути и линијата се исклучува, или линиите се зафатени…






Неможноста да се закаже термин за вадење лични документи по телефон или електронски ги натера голем број граѓани да издвојат екстра пари за вадење на неопходните документи по итна постапка. Издавање патна исправа по итна постапка чини 6.100 денари, а цената на возачка дозвола по итна постапка е 1.230 денари.

– Се обидов преку телефон да закажам термин за мојата ќерка која има 5 месеци, но никој со денови не ми креваше. Постојано вртев и секој пат беше неуспешно, линиите постојано беа зафатени. Завчера конечно ми кренаа, реков дека ми треба за итна постапка и диспечерката ми даде термин дури за 8 мај. Многу бев зачуден, велам госпоѓо кај ви плаќам 6.100 денари, ми давате термин по три месеци, а потоа и издавањето којзнае колку ќе го чекам – вели скопјанецот Горан.

Од МВР за Плусинфо велат дека очекуваат веќе од понеделник работите да се нормализираат, кога станува збор за закажувањето на термини преку телефон, но и за оние кои веќе имаат закажано.

– Како што веќе знаете од средата пунктот во ПС „Пролет“ работи само со граѓани кои имаат веќе закажано термини за нови лични документи. Очекуваме до понеделник листата со закажани термини да биде прочистена, бидејќи многумина искористија да се фотографираат во изминатиот период – велат од МВР за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека откако сѐ ќе се нормализира, граѓаните кои сакаат да извадат патна исправа по брза постапка ќе добијат термин веќе следниот ден, така што сегашните термини што го имаат добиено во април или во мај, ќе отпаднат. Овие граѓани може да очекуваат повик за нов термин поскоро.

Пунктот за фотографирање за лични документи во ПС „Пролет“ од средата не работи без закажување туку се трансформираше во пункт за презакажани термини за сите оние кои имале резервиран термин за фотографирање на територија на град Скопје до крајот на 2024 година.

Трансформацијата беше направена со цел да се воведе ред наместо хаос и да се олесни и забрза добивањето лични документи за жителите на Скопје. Граѓаните кои веќе имаат закажано термин беа контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и им беше понуден нов термин во многу пократок рок.

Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации.

Во склоп на пунктот во ПС Пролет функционираат 14 базни станици, на кои се врши фотографирање на граѓаните од понеделник до сабота, а од понеделник (12.02.2024) ќе се воведе и фотографирање во втора смена, информираа од МВР.

Поврзани содржини