ЗАКАНИ КОН ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА НЕГОТИНО Уапсен 28-годишник, се обидел да изнуди пари преку лажни профили

Испраќал закани и уцени кон градоначалникот, полицијата го уапси, следи кривична пријава.

166

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против М.Ј. (28) од Неготино, кој се сомничи за серија закани и обид за изнуда на пари преку лажни профили на социјални мрежи.

Според полицијата, тој на 2 септември 2025 година, преку интернет-платформа испратил порака на профил што го користи градоначалникот на општина Неготино, во која упатил сериозни закани кон него и неговото семејство, а воедно се обидел и да изнуди пари.






Заканите продолжиле и на 4 септември, кога во три наврати испратил пораки со слична содржина, а и на 5 септември преку друг профил што го користел градоначалникот. Освен кон градоначалникот и неговото семејство, М.Ј. испратил пораки со закани и кон кандидат за градоначалник.

Истражителите утврдиле дека на 19 септември 2025 година тој испратил нови закани, овој пат преку електронска пошта на Министерството за внатрешни работи, општина Неготино и на еден новинар, насочени кон приврзаници на политичка партија во Неготино.

„На 19.09.2025 лицето е лишено од слобода од страна на полициски службеници и против него е поднесена кривична пријава за делата загрозување на сигурноста и изнуда во обид“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Поврзани содржини