ЗАГРИЖУВА ОБИДОТ ТРАМП ДА УПРАВУВА СО АМЕРИКАНСКАТА МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА Лагард гледа опасност за светската економија
Американскиот претседател постојано го напаѓа претседателот на американската централна банка (ФЕД)за тоа што не ги слушаше повиците за намалување на каматните стапки за поттикнување на економскиот раст, нарекувајќи го притоа „господин Предоцна“ и заканувајќи се дека ќе го отпушти.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денеска предупреди дека чекорите што ги презеде американскиот претседател Доналд Трамп за отстранување на претседателот на американската централна банка (ФЕД), Џером Пауел, и гувернерката на ФЕД, Лиза Кук, претставуваат „многу сериозна опасност за американската и светската економија“.
ФЕД, институција што е овластена за регулирање и контрола на финансиските и монетарните институции и пазари во САД, е основана во 1913 година. Трамп постојано го напаѓаше Пауел за тоа што не ги слушаше повиците за намалување на каматните стапки за поттикнување на економскиот раст, нарекувајќи го притоа „господин Предоцна“ и заканувајќи се дека ќе го отпушти.
– Би било многу загрижувачки доколку американската монетарна политика стане зависна од диктатите на едно лице – оцени таа.
Гувернерката Лиза Кук, една од седумте членови на Одборот на гувернери на ФЕД, исто така беше изложена на критиките на Трамп и неговиот обид да ја отстрани. Неговата одлука да ја отпушти Кук сега е на суд.
– Во случај американската монетарна политика да престане да биде независна и наместо тоа да зависи од диктатите на ова или она лице, верувам дека ефектот врз стабилноста на американската економија, како резултат на ефектите што би ги имала низ целиот свет, би бил многу загрижувачки бидејќи тоа е најголемата економија во светот – изјави Лагард за Радио Класик.
Таа, исто така, потсети на пресудата од минатата недела на Апелациониот суд на САД дека повеќето од царините што ги наметна Трамп се нелегални и додаде дека пресудата претставува дополнителна неизвесност за економските прогнози на глобално ниво.