ЗАГИНАА СОПРУГА И ЌЕРКА НА ПАЦИЕНТИ Обвинителството утврди 12 пациенти и двајца посетители меѓу жртвите во пожарот
Според доставените извештаи од Институтот за судска медицина, од починатите осум жртви се жени и шест се мажи, на возраст од 29 до 78 години.
Дванаесет пациенти кои биле хоспитализирани и две надворешни лица се жртви на пожарот кој избувна во модуларната болница во Тетово, соопшти денеска Јавното обвинителство. Според доставените извештаи од Институтот за судска медицина, од починатите осум жртви се жени и шест се мажи, на возраст од 29 до 78 години.
Двете надворешни лица кои не биле хоспитализирани се сопруга на пациент и ќерка на пациентка.
„Причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини се истражува. По налог на обвинителството извршена е обдукција и на почината пациентка, која настрадала од ковид-19 и за чиј живот се борел медицинскиот персонал непосредно пред избувнувањето на пожарот. Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека настанатата смрт не е последица од пожарот“, соопшти Обвинителството.
Обвинителството ги побарало видео снимките од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и целокупниот видео материјал објавен од поединци и на социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Донесени се наредби до ОКТИВ-Скопје за подигнување материјални докази и обезбедување на трагите од местото на настанот, како и наредби за нивно вештачење, со цел утврдување на причинско-последичната врска за настанување на пожарот. Во таа насока донесена е наредба за ангажирање вешто лице од областа на електротехниката, кој бил присутен и на самото место во опожарениот објект и чија експертиза ќе одговори на прашањата за причинско-последичната врска за настанување на пожарот.
„Сослушани се дел од сведоците од местото на настанот, дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во модуларната ковид болница ноќта кога избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар“, соопшти ОЈО.
Обвинителството издало наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од изведувачот на изградбата.
Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита.
„Имајќи ја предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институтции, односно со Дирекцијата за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, Обвинителството ги презема сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан“, се додава во соопштението од ОЈО.