ЗАГИНАА БАРИТОН РИСТЕ ВЕЛКОВ И НЕГОВИОТ СИН Познатиот оперски пејач меѓу жртвите на скопската обиколница
Во директниот судир меѓу камион и автомобил „БМВ“ на скопската обиколница загинаа четири лица, меѓу кои и познатиот оперски баритон Ристе Велков и неговиот син Адам.
Македонската јавност е во шок по трагичната сообраќајна несреќа што ноќеска се случи на скопската обиколница, а меѓу загинатите се и познатиот оперски уметник Ристе Велков и неговиот син Адам.
Според досегашните информации, трагедијата се случила меѓу надвозникот Визбегово и клучката Мирковци, кога камион со косовски регистарски таблички ја пробил заштитната ограда, преминал на спротивната лента и директно удрил во автомобил „БМВ“.
По силниот удар, автомобилот се запалил и целосно изгорел. Во несреќата животот го загубиле четири лица.
Неофицијално, зад воланот на автомобилот бил 51-годишниот Ристе Велков, а со него биле неговиот син Адам, студент на ФИНКИ, како и уште две лица. Еден од загинатите е идентификуван како 20-годишниот П.М., додека идентитетот на четвртата жртва првично се утврдувал.
Според информации објавени од локални медиуми, истражните органи веќе утврдиле дека камионот директно удрил во „БМВ“-то без траги од кочење. По судирот, камионот излетал од патот, а автомобилот бил зафатен од пламен.
Возачот на камионот, 76-годишен државјанин на Косово, е приведен и против него се води истрага за причините за несреќата.
📽️ ПЕПЛОСАНО „БМВ“ И ЧЕТИРИ ЖРТВИ Морничава несреќа ја блокираше скопската обиколница
Ристе Велков важеше за еден од најпознатите македонски баритони и долгогодишен првенец на Македонска опера и балет. Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни сцени, а беше препознатлив по изведбите во белканто продукции.
Роден во Скопје во 1975 година, Велков дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а во текот на кариерата соработувал со реномирани вокални педагози од Македонија, Италија, Бугарија и Романија.
Настапувал во Јапонија, Србија, Турција, Бугарија и Романија, а беше дел и од најзначајните музички фестивали во Македонија, меѓу кои Охридско лето и Мајски оперски вечери.