Четиринасет луѓе ви изгореа во пожар во болница.
– И што сега, да се полиеме со бензин и да се самозапалиме?
***
Што е со оставките?
– Ако може мртвите да ги оживееме, сите ќе си поднесеме оставки!
***
Министерот за здравство понуди оставка, вие не ја прифаќате.
– Тодоров ли да го турам за министер, Филипче советник да му биде?!
***
Размислувате ли вие за оставка?
– А што, Мицкоски да дојде на власт?! Не размислувам!
***
Многу луѓе ни умираат од ковид-19?
– Еве, да може да воскреснат, јас ќе дадам оставка, па Мицкоски нека биде премиер ако сака.
***
Имаме највисока смртност во Европа.
– Па во Африка ли да имаме?!
***
Србите среде пандемија градеа ковид-болници од тврда градба, а вие поставувате контејнери.
– И што треба сега, Вучиќ да ни биде премиер?! „Тропикана“ да ја отвориме?!
***
Пола Македонија ви изгоре во пожар.
– Да не треба Стојанче на ражен да го печеме?
***
Авионите за гасење пожар не ви беа сервисирани.
– И што треба сега, да ги слечеме падобраните и од авион да се фрлиме?!
***
Австријците ни ги гасеа пожарите, не е ли срамота?
– Ќе гасевме и ние, ама бавно ни оди – требаше да задоцниме?!
***
Немаме нови противпожарни возила, но затоа имаме нови државни лимузини.
– Да можело така еден пожар да се изгаси, сите ќе одевме пешки на работа.
***
Нема преговори со ЕУ, не можете да го решите спорот со Бугарија, џабе Преспанскиот договор.
– Да не треба името да го вратиме?!
***
Како се здушивте вака со ДУИ?
– Тие рекоа федерализација. Јас им реков, ако не па канализација да ви дадеме. И бидна…
***
Има голема корупција.
– Тоа е убавината на демократијата.
***
Правосудството ни е катастрофа.
– Да не треба на обвинители и на судии да им се јавувам?!
***
А не им се јавувате?
– Не тропај глупости!
***
Притвореници и затвореници ви шетаат по улици и патишта.
– Па за што градиме, да можат луѓето слободно да шетаат!
***
Почна учебната година, нема учебници…
– Кога бев дете, да не читавме учебници случајно… И што ми фали, премиер станав!
***
Велат дека лошо владеете.
– Ако не па Грујо да го вратиме…