Заев за скандалозната изјава на португалската политичарка: Ќе ја провериме автентичноста и МНР ќе реагира
Државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријаш, зборувајќи за бугарското вето истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува за да нема несогласувања во ЕУ. Во своето објаснување на проблемот таа изјави дека македонскиот јазик некогаш бил бугарски.
Португалскиот предлог не зазема страна и е добро решение, а во однос на изјавата на државната секретарка на Португалија која најверојатно е толкувана за бугарските медиуми ќе ја провериме автентичноста и МНР соодветно ќе реагира, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање.
– Португалскиот предлог е јасен и е добра основа за двете страни за решение. Тој нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог во преговарачката рамка е решено преводот на европското законодавство да биде на македонски јазик. Секако, и двете страни имаат изјави, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично, што ќе биде проверено преку стручните служби во МНР за автентичноста на тоа што е кажано, и МНР соодветно ќе реагира – рече Заев.
Како што објавивме претходно, државната секретарка на Португалија за европски прашања, Ана Пола Закаријаш, зборувајќи за бугарското вето истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува за да нема несогласувања во ЕУ. Во своето објаснување на проблемот таа изјави дека македонскиот јазик некогаш бил бугарски.
– Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и идната соработка. Во моментов, тие работат на нешто како патоказ кој ќе им помогне да работат заедно, и Бугарија да има гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – запомнете дека го смени името на земјата. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Бугарија има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат своите резултати пред да одлучат како да постапат – рече таа пред новинарите во Лисабон.