Заев за резолуцијата на Мицкоски: Македонскиот јазик и идентитет се надвор од преговорите, тоа им е јасно и на помалку упатените
Заев нагласи дека обвинувањата на Мицкоски на негова сметка во однос на тоа дека е одговорен за бугарското вето, дека го продава македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од здравата логика.
Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од преговорите со Бугарија, тоа им е јасно и на помалку упатените во проблематиката, на сите земји-членки на Европската Унија, на целиот регион и на целиот демократски свет, предводен од САД, изјави денеска во Охрид премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со помошникот државен секретар на САД за Европа и евроазиски прашања, Филип Рикер по завршувањето на Конференцијата на Преспа форумот за дијалог.
Заев, ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање во врска со резолуцијата за дефинирање и заштита на македонските позиции во преговорите со Бугарија, која лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе ја поднесе следната недела и ја повика власта да ја прифати.
Заев нагласи дека обвинувањата на Мицкоски на негова сметка во однос на тоа дека е одговорен за бугарското вето, дека го продава македонскиот јазик и македонскиот идентитет се надвор од здравата логика.
– Ние секојпат сме биле инклузивни, транспарентни во процесот и така ќе продолжиме. Немаме дилеми да разговараме за сѐ со опозицијата и сакаме да видиме каков било документ или слично, но пред сè и над се ќе ги заштитиме државните интереси од сите можни аспекти, од аспект на тоа што и до сега го правиме заштитувајќи го нашиот дигнитет, нашиот идентитет, нашиот македонски јазик и нашата посебност како македонски народ, но исто така заштитувајќи ги државните позиции заради целта постигање на решение во коешто нема ништо да му фали, ниту ќе биде ставен во какви било разговори или преговори, она што ни е наша светост, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот идентитет – одговори Заев во однос на тоа дали имал увид во резолуцијата и дали ќе ја земе предвид.
Тој нагласи дека спорот се решава низ дијалог, дипломатија, низ разговори, кои се соодветно поставени за да се остварат нашите стратешки цели.
– НАТО го остваривме, втората стратешка цел е да продолжиме низ поглавјата во пристапот со ЕУ. И во едни такви околности уште еднаш можам да потврдам дека во Бугарија не разговаравме за македонскиот јази и за македонскиот идентитет – рече Заев.
Премиерот додаде дека од Европа очекува да ги заштити идентитетите на сите, вклучително и нашиот.
– Впрочем и Република Бугарија вели дека ја прифаќа реалноста за македонскиот јазик и македонскиот народ, разговаравме за патоказот, согласно кој ги дефиниравме областите, ги задолжуваме институциите и ги одредуваме роковите за зголемувањето на ефикасноста на соработката меѓу двете земји. Како на пример интензитетот на историско образовната комисија, колку често да се среќаваат, да ги охрабриме да изнаоѓаат решенија, коишто ќе нè прават пријатели, не решенија коишто ќе нè делат – порача Заев.
Премиерот нагласи дека сето она што се однесува за јазикот е формулацијата, која веќе ја кажал а тоа е дека станува збор за слични, но различни и меѓународни признаени јазици.
.