Постепено нашата држава влегува во критична фаза која од стручните лица е оценета како најтежок и најсериозен период од пандемијата. Пред нас е најголемиот предизвик во борбата со коронавирусот во кој се очекува достигнување на пикот на бројот на заразени. Затоа, потребна е многу голема лична одговорност, на секој од нас и максимална посветеност во заштита на нашето здравје, на здравјето на нашите најблиски, на нашите деца, родители, роднини, пријатели, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во неговото денешно обраќање до јавноста.
„Донесени се нови, позаострени мерки од страна на Владата и исклучително е важно нивно целосно почитување. Само така секој човек, секој поединец, секој од нас ќе придонесе во заедничката борба.
Можеби ќе ве интересира
Да сториме сѐ, преку целосно почитување на мерките и препораките, да го спречиме ширењето на вирусот. Ајде да си помогнеме себеси, да им помогнеме на нашите најблиски, да им помогнеме на здравствените работници, на институциите на системот. Седете дома, мијте раце, држете растојание, почитувајте ги мерките и препораките секогаш и секаде. За животот се работи. Знам дека постои загриженост кај граѓаните, за здравјето, но и за економијата, за своите работни места, за месечните приходи, за парче леб. Почитувани граѓани, ние заедно ја создадовме државата која е тука за вас, за граѓаните, имате пријател, поддржувач, државата е тука и таа ќе ви помогне. Во оваа борба со коронавирусот можеме да победиме, со заеднички сили, со заеднички придонес на секој од нас.
Знаеме дека нема да биде лесно, но заедно сме во ова и заедно ќе победиме“, вели Заев.