Социјален дијалог постои и тоа отвора простор во следните неколку дена да биде изнајдено прифатливо решение за сите, при што пожарникарите ќе можат да ја земат платата заедно со додатоците на плата.
Ова, како што соопшти владината прес-служба, е заедничката констатација од денешниот онлајн состанок на премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и советникот за труд и социјална политика Милан Живковиќ со Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, како и со Тони Бошковски, претседател на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија и со претставници на овој синдикат.
На состанокот биле разгледани можностите за решавање на прашањето со исплатата на платите на пожарникарите и на додатоците за плати, согласно постоечките законски можности на краток рок почнувајќи од овој месец, како и за системско уредување на прашањето на среден и на долг рок, преку потребните законски измени што треба да се донесат преку Парламентот.