Заев тврди дека Мијалков не си играл мајтап, бил во бегство: Институциите не го најдоа, но нападнаа по неговите блиски и имот ВИДЕО
На забелешка на новинарите дека Мијалков сам се пријавил во Обвинителството, а не дека бил фатен, Заев објасни дека во претходна координација, се барало да се појави Мијалков, наведувајќи дека помагањето во кривичното дело бегство се казнува со закон, а и дека бил направен притисок врз негови блиски, поради што поранешниот шеф на УБК бил принуден сам да се пријави.
Сашо Мијалков немаше друг избор и го направи она што му беше неизбежна опција. За овој значаен успех дадоа придонес надлежните институции, Обвинителсвото и судот и успеавме да го најдеме за 40 часа, изјави вечерва премиерот Зоран Заев кој тврди дека нема никаков компромис со никого за правдата и дека тој што грешел ќе одговара.
– Правдата е обезбедена, и ќе ја има и повеќе и почесто. И ќе следува ваков одговор на институциите секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата. Во изминатите 40 часа институциите на Владата предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки. Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор – рече Заев.
На забелешка на новинарите дека Мијалков сам се пријавил во Обвинителството, а не дека бил фатен, Заев објасни дека во претходна координација, се барало да се појави Мијалков, наведувајќи дека помагањето во кривичното дело бегство се казнува со закон, а и дека бил направен притисок врз негови блиски, поради што поранешниот шеф на УБК бил принуден сам да се пријави.
– Институциите не го најдоа, но затоа нападнаа по неговите блиски и имот. Потоа тој самиот се пријави во Обвинителството, откако претходно дојдоа адвокатите. Не треба да се заборави дека Мијалков првично избега. Останува нашата посветеност да се истражи докрај што се случувало. Јас Зоран Заев велам дека компромис за правда немало и ќе нема. Ако некој грешел, ќе одговара. Овде нема отстапки – рече Заев.
Тој додаде дека со брзата мобилизација на сите институции биле елиминирани сите можности тој да ја напушти државата. Според Заев, Обвинителсвото и Судот неговото пријавување не треба да го сметаат за олеснителна околност, ниту за овој ниту за друг случај, затоа што не треба да се заборави, додаде Заев, дека тој не беше достапен до правосудните органи и полцијата.
– Јас Зоран Заев ве гледам во очи и ви кажуам дека компромис за правда нема и нема да има – рече Заев.
На новинарско прашање дали е ова играње мајтап на Мијалков со државата, Заев рече:
– Не е играње мајтап, туку принуда да се пријави и да не се обидува да се крие или да се бега. Институциите си постапија. Да не се заборави дека ние сме слободна држава и првата и слободите се загарантирани за секого, се додека не се покаже спротивното – рече Заев.
Приказна за мали деца е тврдењето на Мијалков дека бил болен, рече Заев.
– Сашо Мијалков избега, па се предаде самиот.Тоа треба да му биде отежителна околност во постапките што се водат против него. Се најде на тој начин што институциите ги притиснаа неговите најблиски во истрагата за помагање при бегството. Обвинителството отвори истрага за ова кривично дело, МВР ги повикуваше на информативен разговор неговите најблиски околу бегството. Се знае со кого од семејството беше виден последен пат од полицијата како влегува во хотелот „Мериот“. Беа посочени како осомничени во предистрагата. И ефектот, еве го. Самиот се пријави – рече Заев.
Мијалков, кој е обвинет во предметот Таргет – Тврдина, денеска попладе сам се пријави во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и му беше врачено решение за определена мерка куќен притвор.
– Секој кој ме знае, знае дека јас кога ќе дадам збор, нема да го погазам. Јас јавно ветив дека нема да побегнам – изјави Мијалков пред Обвинителството.
Тој беше недостапен за органите за прогонот од неделата откако судот издаде решение за куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина” в петок.