Заев сака фаворит Албанец за Тетово, академик Беџети не сака да биде прв комуналец

Во контекст на позиционирањето на СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА пред локалните избори за Тетово и за Скопје, се пушта и информација дека министерот за земјоделство и генерален секретар на Беса, Аријанит Хоџа ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје, што сепак е малку веројатно.

4,289

Премиерот Зоран Заев ја потврди информацијата на Плусинфо дека ако СДСМ одлучи во Тетово да номинира свој кандидат за градоначалник на претстојните локални избори ќе преферира тој да биде  Албанец.

Веќе објавивме дека СДСМ за градоначалник во Тетово посакува да оди со кандидат Албанец и тоа високо профилирани лица како академикот Абдулменаф Беџети или бизнисменот Љазим Дестани, но друга работа е колку тоа е остварливо, односно колку ликови кои се познати и признаени во својата дејност не само во Македонија, туку и пошироко, ќе решат да станат локални шерифи во Тетово.






Првиот одговор за желбите на Заев стаса од академикот Беџети. Извори блиски до академикот за Плусинфо велат дека нема разговори со СДСМ на таа тема и дека Беџети не би се спуштил на нивото да биде градоначалник на Тетово.

– Ниту разговараат, ниту Беџети ќе се девалвира и од ректор и академик ќе стане прв комуналец – вели извор близок до академикот.

Коментарот, пак, на висок функционер од СДСМ е дека е сигурно оти тие за медиумите нема да потврдат дека се во тек разговори, бидејќи сè уште се во рана фаза. Тој вели дека во таков случај интересно ќе биде за кого тетовци ќе гласаат – дали за Теута Арифи од ДУИ, Билал Касами од Беса, за Беџети или евентуално за Дестани.

Според наши информации, речиси никакви се шансите и бизнисменот Дестани да се нафати за градоначалничката функција во Тетово.

Интересно е дека речиси нема претседателски, парламентарни или локални избори а името на бизнисменот Дестани да не се заврти како кандидат за шеф на државата, премиер или за градоначалник.

Заев денеска на новинарско прашање дали СДСМ размислува во Тетово да излезе со свој кандидат етнички Албанец, истакна дека во постапката во партијата има пет кандидати, од кои тројца се Албанци номинирани од партиската општинска организација.

– Секако, следуваат анкети како и за сите други општини. И во такви околности би бил среќен ако имаме кандидат Албанец кој ќе биде фаворит, затоа што само тогаш можете да инсистирате да одите со својот кандидат, поради тоа што знаете како стоите со рејтинзите во секои од градовите – рече премиерот.

Тој не сакаше да коментира за имиња затоа што, како што рече, постапките за избор на кандидати за градоначалници сè уште траат.

Пред да падне дефинитивен договор меѓу владините партнери за соработка за локалните избори, односно дали и во кои општини поддршка ќе има уште во првиот круг, сите лиферуваат информации со цел да ги зајакнат своите позиции и да ги ослабнат позициите на коалицискиот партнер.

Во контекст на позиционирањето на СДСМ, ДУИ, Беса и ДПА пред локалните избори за Тетово и за Скопје, се пушта и информација дека министерот за земјоделство и генерален секретар на Беса, Аријанит Хоџа ќе биде кандидат за градоначалник на Скопје. Оваа информации проструи откако Беса неофицијално излезе со ултиматум дека ќе ја напушти владата ако Заев во Тетово го поддржи кандидатот на ДУИ уште во првиот круг. Сепак, малку е веројатно Хоџа да биде кандидат за Скопје.

Поврзани содржини