Заев: Разговарав со мојот брат Борисов, има начин како да се решат разликите

2,129

ЕУ како и за сите и за нас ова прашање го смета за билатерално, но тоа не значи дека не треба да направиме напори за решавање на проблемот. На тоа интензивно  работат министрите Бујар Османи и Екатерина Захариева.  Драго ми е што Бугарија изјавува дека останува наш поддржувач на патот кон ЕУ и јас лично сум ангажиран.  Верувам дека процесите ќе се одвиваат позитивно иако можно е да нема меѓувладина конференција, рече премиерот Зоран Заев на прес конференција по онлајн средбите со челниците на ЕУ.

– Постојат соодветни алатки и начини на решавање на ова прашање со јавна изјава, со писмена изјава, со декларација, со договор, анекс на договор и слично, а да не биде договор на договор. Ние имаме одличен договор кој беше основата за да се постигне и Преспанскиот договор. Во самиот договор има храбри исчекори од двете страни, зборувања за двата народи, за нашиот македонски народ, потпишани на нашиот македонски јазик, а секако зборуваме и за заедничката историја –  рече Заев, во одговор на прашање на денешната прес-конфереција во владата.






Тој посочи дека тоа се храбри чекори кои се направаени од бугарска и од македонска страна и додаде дека во договорот е детално опишано како во иднина да се пронајдат сите заеднички атрибути од заедничката историја за, како што рече, да не сплотуваат и да го градат добрососедството и пријателството и да ја унапредуваат соработката.

– Не верувам дека постои подобар договор меѓу Северна Македонија и Бугарија што би можел да се постигне и верувам дека тоа го знае и бугарската страна, а ние го знаеме како македонска страна. Постојат начини како да се решат разликите и дипломатијата ги познава. Верувам дека ќе употребиме еден од начините двете страни да бидат задоволни и да ги држи подеднакво среќни – посочи Заев.

Тој нагласи дека последен пат со бугарскиот колега Борисов разговарал на една недела пред празникот 11 октомври.

– Разговаравме со мојот пријател и брат за многу актуелни теми меѓу кои и оваа, но и за економската соработка, за ковид-помошта меѓу двете земји, за Берлинскиот процес каде земја кандидат првпат е коорганизатор и дека треба да ги охрабриме двете комисии да продолжат со работа и низ историските прашања да наоѓаат решение – рече Заев.

Доколку е неопходно, додаде, не е на одмет кога и да биде потребно повторно да ги завртиме телефоните по било чија волја, негова или моја и да поразговараме.

-Договорите со Грција и Бугарија не се само буква на хартија, тие се имплементираат во сите свои аспекти. Драго ми е што Бугарија многу често напоменува дека останува континуиран поддржувач за нашето челество во Европската Унија. Верувам дека согласно европските вредности и принципи постои решение за се. Фокусирани сме да  се изнајде решение кое ќе создаде убава атмосфера за одржувањето на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава – рече премиеро.

Решението, потенцира, треба да се најде до првата меѓувладина конференција, поточно до 10 ноември.

Сепак, не ја отстрани можноста за неодржување на меѓувладината конференција поради евентуалното бугарско вето, но додаде дека верува оти бугарскиот народ, премиер и претседател ќе дадат поддршка за отпочнувањето на преговорите со ЕУ.

– Се обидуваме да бидеме разумни да не подгреваме непријатности во јавноста. Се обидуваме да најдеме начин да ги решиме работите и тоа и го работиме и верувам дека можат да се изнајдат решенија, особено што и низ поглавјата постојат можности да застане процесот доколку некоја од земјите-членки не е задоволна како се случуваат реформите или како се решаваат билатералните прашања. Верувам дека не е во интерес на никого да се попречи европскиот пат. Ние како Македонци никогаш тоа не би му го направиле на нашиот сосед и на нашите браќа и пријатели Бугари. Затоа верувам дека и тие нема да го направат тоа, рече Заев.

Нагласи дека секогаш е подобро предвреме да се решат работите, а не да се оставаат за понатаму иако, како што кажа, може да се остави за решавање во понатамошниот период делот кој не бил решен во моментов.

– Верувам дека поглавјата кои ќе бидат отворени за Република Северна Македонија ќе значат решавање на сите пречки кои постојат помеѓу нас. Секогаш гледам од позитивната страна на медалјата и верувам дека двете страни ќе смогнеме доволна европска капацитетна вредност за да можеме да ги решиме проблемите зашто суштината е во пријателството. Имаме веќе постигнато договор и забелешка беше дека комисијата не работи доволно добро иако има одржано 10 средби за 20 месеци и со заклучоци има решено пет историски личности и три историски периоди и сега разговара за наредните периоди. Веќе е закажана и уште една средба што треба да се одржи до крајот на годинава и најмалку пет во 2021 година. Тоа е решението низ кое треба да ги решаваме отворените прашања како што е зацртано во договорот – рече Заев.

Поврзани содржини