ЗАЕВ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД ПРЕМИЕР И ОД ЛИДЕР НА СДСМ Моја е одговорноста за поразот
Останувам на ставот дека не треба вонредни парламентарни избори. Ќе останам периодот додека треба да се реогранизира новата влада. Господ да ни го чува народот и Северна Македонија. Ми беше огромна чест што можев да ви служам, мој народе, рече Заев.
Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва поднесе оставка од двете функции откако СДСМ ги загуби локалните избори во земјава.
– Јас од името на СДСМ им честитам на нашите опоненти на овие локални избори и ја преземам одговорносата на, поднесувам оставка од примиер и од претстедател на СДСМ. Јас ја преземам одговорноста за лошите резултати на овие избори. Останувам на ставот дека не треба вонредни парламентарни избори. Ќе останам периодов додека треба за да помогнам за да се реорганизира нова Влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и уште зголемено. Господ да ни го чува народот и Северна Македонија. Ми беше огромна чест што можев да ви служам, мој народе – рече Заев.
Тој им честитам на сите избрани градоначалници и советници и им посака чесно и одговорно да му служат на народот. Ги истакна како достигнување на оваа влада постигнатото членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
– Разочарноста ја гледам кај себе и верувам кај огромен дел од народот, зашто се избрани истите луѓе кои сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од нив се избрани за советници. Се здружија жртви на насилство со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ од 27 април 2017. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија во земјава наша, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и преземање одговорност. Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја – рече Заев.